Продолжува Супер-лигата: Струга не смее да се потцени, шансите за Топ 6 се уште се во наши раце

Ракометната Супер-лига продолжува денеска со натпреварот меѓу Тинекс Пролет и Струга (18.30 часот, сала „Македонско Сонце“), дуел на кој избраниците на тренерот Лембанов веруваат во добра игра и победа со која ќе си ги зголемат шансите за влез во плејофот.

Лембанов ја доби довербата на управата за да остане на чело на тимот и за вториот дел од сезоната, а младиот стратег е оптимист дека Тинекс Пролет ја надминува кризата со која се соочи пред крајот на 2021.

„Верувам во успех на нашата екипа и пласман во Топ 6 и во плејофот на ракометниот шампионат. Се уште се е во наши раце, математички гледано со четири победи сигурно ќе бидеме дел од плејофот, така што останува максимално да влеземе во натпреварите пред нас и да стигнеме до посакуваните резултати. Презадоволен сум од залагањето на сите ракометари од самиот старт на подготовките, создадена е одлична атмосфера во екипата, за која заслуга сигурно има и Илија Темелковски, кој се врати во клубот како координатор на сите селекции на РК Тинекс Пролет. Сето ова ни дава за право со оптимизам да го дочекаме вториот дел од сезоната“, истакнува стратегот на Тинекс Пролет.

Што се однесува до денешниот дуел против Струга, најважно според тренерот ќе биде да не дојде до потценување на противникот.

„Струга е квалитетна екипа што сигурно ќе знае да го казни секое опуштање. И на првиот меч на кој парираа умешно речиси цел натпревар се потврди дека овој состав има и квалитетни и искусни играчи. За дуелот со нас ќе им недостига голманот Никола Матовиќ, кој беше најдобар играч на Струга во првиот дел од сезоната. Генерално гледано, добро сме подготвени за противникот, не верувам дека можат тактички да изненадат, но клучно ќе биде да одиграме според договорот, да бидеме максимално ангажирани од почеток до крај и во ниту еден момент да не ја потцениме Струга“, вели Алексо Лембанов.