Ангелов: Охрид е меч во кој можеме многу да добиеме...

Ракометарите на Тинекс Пролет максимално подготвени влегуваат во денешниот дуел на гостински терен против Охрид, директен ривал во трката за излез во ракометна Европа. Охриѓани во првиот круг од плејофот успеаја да триумфираат во салата „Македонско Сонце“, а денешниот дуел е одлична можност за реванш и правење на огромен чекор напред кон третото место во групата.

Новиот тренер Зоран Кастратовиќ имаше можност за корекции во играта по многуте осцилации за време на неговото деби против Еурофарм Пелистер 2. Во тимот владее оптимизам за израмнување на сметките со охриѓани и освојување на значајни три бода во клучниот дел од сезоната.

„Работевме квалитетно во овој период, имавме десетина дена да се подготвиме и мислам дека максимално ги искористивме. Подобро сме подготвени на физички план, новиот тренер внесе и некои нови тактички замисли со кои мислам дека напредуваме на колективен план. Ова е меч на кој немаме што да загубиме, бидејќи и во случај на пораз би имале доволно можности за да стигнеме до посакуваното трето или четврто место. Од друга страна, можеме многу да добиеме бидејќи би направиле џиновски чекор кон третото место, затоа одиме во Охрид на победа, секој од нас, од масерот до последниот резервен ракометар да дадеме свој придонес за да стигнеме до триумф“, вели Петар Ангелов.

Искусниот чувар на мрежата смета дека во прилог на Тинекс Пролет оди и падот во формата што ја покажа Охрид на последните натпревари.

„Станува збор за квалитетен тим што е добро покриен на сите позиции, има брза транзиција и полуконтра, а голманите традиционално одлично бранат на овие дуели со Пролет. Се надевам дека тоа нема да биде случај денеска, дека ние ќе бидеме тимот што ќе го контролира темпото. Факт е дека Охрид не делува веќе така доминантно како во првиот дел од сезоната, резултатите на последните средби го покажуват тоа. Ќе се обидеме да го искористиме тоа и да забележиме триумф кој ќе биде многу значаен за остварување на нашите цели“, истакнува Ангелов.