Тинекс Пролет е идеален клуб за младите ракометари

Сениорскиот тим веќе обезбеди пласман во Супер-лигата, а зимската пауза заврши и за нашите млади ракометари, кои претстојниот викенд ќе се појават на терените во продолжението од сезоната во своите возрасни категории. Тинекс Пролет се натпреварува во кадетска и во младинска конкуренција, а на чело на двете екипи се наоѓа Сашо Сотировски, под чие водство младите ракометари одлично се развиваат.

„И оваа сезона покрај младинската имаме и кадетска екипа, што се покажа како одличен потег на управата. Кадетите бележат одлични резултати, моментно се втори во својата група, зад лидерот Вардар, но во изминатите месеци одигравме бројни одлични натпревари. Она што е најважно е што создадовме база од млади и талентирани ракометари, од кои дел настапуваат за младинците, па дури и тренираат и со првата екипа“, изјави Сотировски.

„Младинскиот тим играше променливо во текот на сезонава и се наоѓа на средината од табелата. Дел од најдобрите ракометари на оваа екипа тренираа и настапуваа и за првиот тим, а во неа шанса добија и помлади играчи од кадетскиот тим, на кои им даваме шанса за правилен развој“ - додава Сашо Сотировски.

Тој воедно ги потенцира беспрекорни услови за работа што младите ракометари ги имаат во нашиот клуб.

„Она што го издвојува Тинекс Пролет е одличниот проект кој им дава шанса на младите ракометари да се развиваат на вистински начин. Термините за тренинг се во 7.30 часот навечер, идеално време за секој да може да присуствува. Квалитетот на работа е на високо ниво, но она што е уште поважно е и желбата на стручниот штаб на првиот тим да им даде шанса на помладите играчи. Тинекс Пролет е вистинска средина за младите ракометари, да напредуваат на вистински начин, а потоа и да заиграат сениорски ракомет. Можам да гарантирам дека секој млад играч во клубот добива таква шанса, на нив е како ќе ја искористат“, порачува тренерот во младинската школа на Тинекс Пролет.