Андоновски: Металург2 ни беше опомена, ќе бидеме уште подобри на следните средби

Тинекс Пролет и во второто коло од новата сезона стигна до триумф, откако по голема битка славеше над младиот состав на Металург 2. Победата е минимална, но ни ги донесе посакуваните три бода, што уште повеќе го креваат оптимизмот во пресрет на наредните предизвици на домашната ракометна сцена.

„Мораме да сме задоволни од начинот на кој ја стартувавме сезоната и двете почетни победи. Против Металург2 бевме на прагот на сигурен триумф, но потоа самите си ја искомпликувавме судбината. Тоа ни е добра опомена во пресрет на наредните натпревари, на кои ќе мораме да бидеме фокусирани во текот на сите 60 минути за серијата добри игри и резултати да продолжи“ - истакнува капитенот Ласко Андоновски.

За услугите на нашиот среден бек се интересираа неколку суперлигашки екипи, но Андоновски уште еднаш ја потврди лојалноста кон Тинекс Пролет.

„Ме бараа клубови со европски амбиции, но моите планови за иднината се поврзани со Тинекс Пролет. Се чувствувам добро во овој клуб, тимската атмосфера е на најдобро можно ниво. Затоа и не се решив за нов предизвик, кога во Тинекс Пролет се функционира беспрекорно“ - вели Андоновски.

Во рамките од третото коло нашиот тим го очекува дерби дуел со Металург, главниот фаворит за првото место во Супер-лигата.

„Металург е фаворит на хартија, но тоа само по себе значи и дека притисокот ќе биде врз ракометарите на оваа екипа. Ние одиме натпревар по натпревар, на секој меч ќе одиме на победа, без разлика на противникот. Наше е да одиграме најдобро што знаеме и доколку ни се укаже шанса да го изненадиме фаворитот и да стигнеме до нов триумф“ - порачува Ласко Андоновски.