Актуелно
Ракометарите на Тинекс Пролет претрпеа пораз од 25-27 од Куманово на последниот овосезонски натпревар, со што нашиот тим стави печат на оваа натпреварувачка сезона. Дуелот беше без никакво значење околу пласманот на табелата, но гледачите можеа да проследат квалитетен и неизвесен меч во кој завршницата за жал им припадна на гостите, кои со цел плен се враќаат дома.
Тинекс Пролет беше подобар противник од самиот старт на мечот, отворајќи со водства од 5-2 и од 6-3 по двата погодоци што ги постигна Андреј Стојановски. Кумановци дојдоа до 6-5, но Пролет возврати и преку Василевски поведе со 9-6. Избраниците на тренерот Мајнов имаа контрола над резултатот се до крајот на првото полувреме, на одмор заминувајќи со 12-9 со голот на Стоилевски.
По оние 13-11 што Тинекс Пролет ги имаше во своја полза гостите од Куманово возвратија со четири гола во серија, преземајќи ја за момент контролата (13-15). Кумановци имаа максимални 14-17, но Пролет возврати со серија од 5-0 и прекукапитенот Андоновски поведе со 19-17.
Во завршницата се влезе во неизвесен финиш во кој Тинекс Пролет за последен пат водеше со 24-23 по погодокот на Димковски. При 24-25 не реализиравме пенал за израмнување, а во завршницата при 25-26 Пролет имаше и напад за израмнување, но по загубената топка гостите погодија во празна мрежа со звукот на сирената, за конечни 25-27.
Андреј Стојановски со пет гола беше најефикасе во редовите на Тинекс Пролет, по четири постигнаа Андоновски и Стоилевски, додека со по три погодоци мечот го завршија Василевски и Димковски.