Матлиески: По „шлаканицата“ во Бутел, да играме многу подобро против Вардар

Нема одмор за ракометарите на Тинекс Пролет во овој згуснат период, па нашиот тим вечерва (19.30 часот) го очекува нов предизвик - дуел на домашен терен со екипата на Вардар. Откако во првиот натпревар во СЦ „Јане Сандански“ едно полувреме му париравме на шампионот, желба на тренерот Матлиески е Тинекс Пролет повторно да се покаже во добро светло и да игра квалитетен ракомет против најсилниот тим во лигата. „Вардарци“ сигурно ќе калкулираат со составот бидејќи утре и задутре ги очекуваат пресметки во Купот на Македонија, но тоа не ја менува улогата на фаворит што ќе ја има тимот што повторно ќе ја претставува Македонија на Ф4 турнирот од Лигата на шампионите во Келн.

„Нема потреба да се нагласува кој е фаворит на оваа средба, но моја желба е Тинекс Пролет да одига квалитетен меч, многу подобар од дуелот со Бутел минатото коло. Очекувам максимална мотивација и залагање бидејќи играме против најдобриот тим во Македонија. Без разлика со каков тим ќе настапи, Вардар е Вардар и ќе настојува да стигне до победата, а наше е да му парираме најдобро што можеме“ - истакна тренерот Никола Матлиески.

Дуелот со „црвено-црните“ следи по најслабиот натпревар што Тинекс Пролет го одигра во последните месеци, убедливиот пораз од Бутел.

Тоа беше заслужена шлаканица што ја добивме. Бутел апсолутно ја заслужи победата, играчите на домаќинот многу повеќе ја посакуваа победата, одиграа поборбено и таквиот пристап им донесе и убедлив триумф. Ние мораме да извлечеме поуки, пред се околу пристапот и залагањето, затоа и велам дека многу важно е против Вардар да одиграме најдобро што знаеме, максимално ангажирано и борбено од првата до последната минута“ - порачува Матлиески.