Огњеновски: Убаво е кога сите го копираат Пролет, па почнаа да мислат на домашните играчи

Крајот на оваа календарска година е повод за разговор со Извршниот директор на клубот, Сашо Огњеновски, кој не го крие задоволството од сработеното во изминатите 12 месеци. Тинекс Пролет има зад себе успешна година со уште една европска авантура, но Огњеновски се осврнува на повеќе аспекти во функционирањето на нашиот клуб.


„Во секој случај ние како Тинекс Пролет сме презадоволни од оваа 2018 година. Имаме причина за задоволство и од успесите на самиот тим, но и од работата на тренерот Матлиески. Резултатски гледано минавме одлично, излеговме во Европа и нашите млади играчи се здобија и со меѓународно искуство, сега и оваа сезона сме многу близу до пласман во плејофот со настап исклучиво со македонски ракометари, така што сигурно чекориме по патот што го имаме зацртано“.

Особено задоволство предизвикува беспрекорната соработка со тренерот Матлиески, чиј ангажман се покажа како полн погодок.

„Претходно ние бевме „врзани“ девет години со ист тренер и кога тој си замина сакавме и новиот кормилар да го чувствува Тинекс Пролет за свој клуб, го добивме токму тоа со Матлиески кој како играч има настапувано за нас, а и тренерската кариера ја почна во младинската школа на Пролет. Среќни сме и задоволни од начинот на кој работи, на кој ја води оваа наша „приказна“. Целокупната ракометна јавност е добро запознаена дека нашиот проект е долгорочен, ние не бркаме инстант резултат, така што имаме апсолутна доверба во тренерот, кој знае дека има поддршка од нас како управа“.

Тинекс Пролет е клуб што години и години наназад настапува исклучиво со македонски играчи, а фактот дека голем дел од ривалите сега ја „копираат“ нашата клупска стратегија само по себе значи дека патот по кој одиме е оној вистинскиот.

„Сигурно дека кај сите нас има голема сатисфакција што она што го говоревме со години, дека македонските играчи мора да бидат темели на сите суперлигаши, таа наша политика ја применуваат и останатите клубови. Сведоци сме дека Пелистер се ослободи од странците среде сезона, Охрид минатото лето го смени начинот на функционирање и сепак бележи добри резултати, Работник исто така сега има повеќе Македонци, додека странците се користат само да се пополнат одредени „дупки“ во тимот. Се надевам дека овој нов тренд ќе придонесе да дојде до уште поголема популаризација, дека ќе излезат нови генерации млади ракометари. Тоа е она на што сме многу горди, што играме само со Македонци, што настојуваме да најдеме и нови млади ракометари со кои би се засилиле, а фактот дека другите тргнуваат по нашиот пат е само доказ дека добро си ја вршиме работата“.

Без оглед на зголемената побарувачка за домашни ракометари, за Огњеновски нема дилема дека Тинекс Пролет и во иднина ќе може да носи млади и талентирани играчи кои ќе се развиваат како дел од овој клуб.

„Секој млад играч сака да дојде во нашиот клуб бидејќи со години наназад создадовме имиџ на клуб во кој напорно се работи, но и во кој оние кои тренираат добиваат можност да ги покажат своите квалитети. Затоа и не се сомневаме дека и во иднина ќе привлекуваме квалитетни и талентирани играчи. Можеби ќе звучи нескромно, но мојот став го делат многумина, Тинекс Пролет игра најдопадлив ракомет за гледање во Супер-лигата. Токму поради тоа редовно сме испраќани со аплаузи од гостувањата, без разлика дали победуваме и губиме, бидејќи обичните ракометни фанови го ценат начинот на кој играме и фактот дека тој брз ракомет го практикуваме со млади домашни играчи. Ние отсекогаш сме велеле дека е многу поважно да се инвестира во домашни играчи отколку да се носат евтини странци, и се уште стоиме зад тоа клупско начело“.

Доказ плус за квалитетната работа во Тинекс Пролет е фактот дека капитенот Ласко Андоновски е вклучен во подготовките на македонската репрезентација за СП 2019 во Германија и во Данска.

„Да бидам искрен, јас очекував нашиот капитен и порано да влезе во репрезентативната приказна. Пред две години Червар го вклучи во националниот тим, но Андоновски не го мина последниот филтер за СП во Франција. Следејќи ги неговите настапи и растот во формата, мислам дека Ласко сега е зрел играч ако му се укаже шанса истата да ја искористи, без оглед колкава минутажа ќе добие на претстојниот Мундијал. Секако дека кога тренер како Раул Гонзалес ќе избере наш играч да го носи репрезентативниот дрес, ние можеме да бидеме само горди како клуб, бидејќи тоа е доволен знак дека работиме токму онака како што треба. Мое лично мислење е дека и Мартин Манасков требаше да се најде на поширокиот список, но тоа е сепак избор на селектор во кој никој не треба да се меша“.

Значаен придонес за ваквата стабилност на клубот има и спонзорот Владимир Тодоровиќ и неговата компанија Тинекс.

„Многу е полесно да се функционира и да се планира долгорочно кога се има стабилен спонзор. Благодарение на Господинот Тодоровиќ и на компанијата Тинекс, кои десетина години се дел од Пролет, ние имаме можност да размислуваме на подолги патеки и да се развиваме како клуб. Кога велам развој не мислам само на првиот тим, туку и на сите младински категории низ кои продефилираа многу деца кои ги направија првите ракометни чекори токму во Тинекс Пролет. Клубот е поставен на здрави нозе, имаме свој дом по враќањето во салата во нашата населба. Функционираме како семејство и тоа не прави поинакви од останатите, нашиот буџет е два до три пати помал од конкурентите за место во плејофот, но бидејќи сме сплотени и како управа,  сите одлуки за функционирањето ги носиме заеднички, Управниот одбор и спонзорот, а работата ја работиме со многу љубов, што е една од причините што ни носи резултат.“

Кога станува збор за очекувањата од новата 2019 година, директорот Огњеновски посочува дека резултатот нема да биде опсесија бидејќи она што е најважно за Тинекс Пролет е да се следи долгорочната стратегија.

„Со една нога сме веќе во плејофот и верувам дека ќе влеземе меѓу шесте најдобри екипи во Македонија и оваа сезона. Сепак, она што го краси Тинекс Пролет е долгорочната стратегија, што овозможува тренерот да работи, а ракометарите да играат без резултатски притисок. Не зацртуваме сега дека секоја година мораме да играме во Европа, па да создаваме тензија при неуспех. За нас како управа најважно е да играме убав, препознатлив ракомет и младите играчи да се развиваат секоја наредна година. Влезот во европските купови не ни е приоритет, но доколку ни се укаже шанса како ланската сезона, сигурно ќе сториме се за да ја искористиме. Самите им подаривме бодови на Пелистер и на Бутел во натпреварите сезонава, со пад на концентрацијата во самиот финиш. Со убедливата победа во Бутел покажавме дека тие „киксеви“ се случајни, а се надевам дека во новата година нема да ни се случуваат такви епизоди“.