Андоновски: Пролет ми помогна да стигнам до репрезентацијата

Ласко Андоновски го мина и првиот филтер на списокот на Раул Гонзалес, па капитенот на Тинекс Пролет ќе се појави на утрешната прва прозивка на македонскиот селектор, во обид да се избори за место во составот на „црвено-жолтите“ за Мундијалот во Германија и во Данска.

„Презадоволен сум што се најдов и на тој скратен список на селекторот, што ми дава шанса да се борам за место на СП. Знам дека нема да биде лесно, пред нас е напорен период на тренинзи, но ќе сторам се што е во моја моќ за да го убедам стручниот штаб во моите квалитети“ – истакнува Андоновски.

Позицијата среден бек е најдефицитарна во македонскиот национален тим по заминувањето „во репрезентативна пензија“ на Миркуловски и на Прибак, по што сега се отвора простор за Ласко и останатите помлади ракометари да се наметнат за репрезентативниот дрес.

„Секако дека ќе недостига искуството на Миркуловски, тој е играч што со своите квалитети, но и со карактерот што го поседува остави силен печат врз македонската репрезентација со години наназад. Смената на генерација стана неопходна и добро е што ни се укажува шанса да се бориме за место во репрезентацијата, но исто така и ни е јасно колкава обврска е тоа само по себе, на едно големо натпреварување како што е Светското првенство“ – вели капитенот на Тинекс Пролет.

Скромен како секогаш, Андоновски е свесен за улогата што нашиот клуб ја има во развојот на неговата кариера.

„Секако дека Тинекс Пролет има значајна улога за текот на мојата кариера и за самиот факт дека стигнав до овој скратен список од репрезентацијата. Веќе седум години сум дел од Пролет, овој клуб ми даде шанса да се докажам, соодветна минутажа за да напредувам и немаше да бидам таму каде што сум сега ако ја немав апсолутната доверба на управата и на тренерите“ – благодарен е Ласко Андоновски.
 

Поврзани вести