Кимевски: Рано „паднавме“ во Битола, но битката за плејоф продолжува

Тинекс Пролет не успеа да приреди изненадување на саботното гостување во Битола, каде нашиот тим претрпе пораз од лидерот Работник со 35-26. Наспроти најавите за борба и надигрување, мечот беше решен по само едно полувреме, во кое домаќините поведоа со десет гола разлика и потоа рутински ги одиграа вторите 30 минути.

„Убедливиот пораз е резултат на две работи - доброто издание на домаќините, но и на фактот дека ние не бевме на посакуваното ниво. Влеговме во мечот без притисок, се обидовме да се надигруваме со Работник, но наидовме на проблеми со агресивната одбана на домаќините. Направивме технички грешки кои домаќините ги претворија во лесни погодоци и рано ги решија дилемите околу победникот“ - изјави нашиот голман Стефан Кимевски.

Нема време за разочарување, веќе следниот викенд нашиот тим го очекува нов предизвик - гостување против Бутел.

„Битката за плејофот продолжува, па ние сме максимално насочени кон претстојниот дуел со Бутел. Домаќините се сигурни патници во плејофот, бодовите за нас би биле многу значајни и ќе сториме се што е во наша моќ за да ги освоиме. Нема да биде лесно, против нас ќе имаме тим што игра исклучително квалитетно во одбраната, можеби Бутел нема премногу играчи во ротацијата, но тренерот Котески одлично го вади максимумот од оние кои се на теренот. Очекувам неизвесен натпревар, на кој во голема битка ние би успеале да стигнеме до бодовите кои би значеле и речиси сигурен пласман на Пролет во плејофот“ - прогнозира Кимевски.

Поврзани вести