Победнички старт на Пролет против Охрид

Ракометарите на Пролет со победа против Охрид на домашен терен со 28-24, ја отворија новата суперлигашка сезона. Скопскиот суперлигаш беше во водство во поголем дел од натпреварот и заслужено ги освои првите бодови иако Охрид остана во игра до крај.

Охриѓани добро го отворија натпреварот и по првите пет минути водеа со 4-0 благодарение на ефикасната серија на Бобан Блажески кој постигна три од првите четири гола на гостите. Но, Пролет успеа брзо да се консолидира по стартниот шок, изедначи на 5-5, а потоа го презеде водството. Гостите се обидоа да се вратат во игра, дојдоа ушпте еднаш во позитива со 9-11. Пролет на одмор замина со минимална предност од 13-12, но имаа свои минути на стартот од второто полувреме.

Избраниците на тренерот Никола Матлиески ја почнаа втората половина со серија од 6-1 и стигнаа на 18-13. И кога се чинеше дека победникот е веќе решен, охриѓани одново се вратија во игра, успаја да ја стопат негативата на 20-18 и внесоа неизвесност во финишот на натпреварот. Бобан Блажески и Иван Тасески беа нерешлива енигма за одбраната на Пролет и најголема закана по голот на домаќините. На десет минути пред крај резултатот беше 23-22. Во решавачките моменти одговорноста во нападот на Пролет ја презеде Ласко Андоновски и успеа да ја прекине серијата на охриѓани. Пролет беше поефикасен во финишот, постигна четири гола во серија и ја обезбеди победата.

Стефан Трајковски со осум гола беше прв стрелец во тимот на Пролет, Филип Василевски и Мартин Манасков постигнаа по пет, а Ласко Андоновски додаде четири гола за домашниот тим. Нападот на охриѓани го предводеше Бобан Блажески со девет гола, Иван Тасески постигна шест, а Крсте Андоноски запиша три гола.

Поврзани вести

Пребарување

Табела

Поз.ЕкипаБ
1Вардар34
2Е. Пелистер30
3Охрид29
4Алкалоид29
5Тиквеш18
6Бутел18
7Е. Пелистер 217
8Прилеп16
9Тинекс Пролет12
10Куманово7
11Струга6
12Радовиш0

Најнови вести

Архива на вести