И втора победа за ракометарите на Тинекс Пролет на стартот од новата сезона во Суперлигата на Македонија. Во 3. коло од шампионатот, Тинекс Пролет пред своите навивачи славеше со 27-24 (14-13) против екипата на Радовиш.
Натпреварот почна израмнето, низ игра гол за гол во првите десет минути од средбата. Пролет првпат дојде до предност од два гола разлика во 15. минута кога се стекна со водство од 10-8, а потоа и до 11-8.
На две минути до полувремето беше и 14-11, но гостите со два едноподруго погодоци успеаја на пауза да заминат само со еден гол негатива (14-13).
И, во второто полувреме вистински доминантна игра на нашите ракометари кои низ првите седум минути од вториот дел со фуриозен старт дојдоа до 17-13. Веќе во 40. минута беше и 20-14, по што веќе се навести победникот на натпреварот.
Низ продолжението ракометарите на Тинекс Пролет продолжија со одржување и зголемување на предноста, на 15 минути пред крајот и со водство од 23-16. Радовишани се обидоа во финишот да се вратат во игра, но неуспешно на крај за победа на нашите ракометари од 27-24.
Најефикасен во нашиот тим беше Давор Палевски со седум гола, Андреј Стојановски запиша шест погодоци а пет гола постигна Никола Стоилевски. Три погодоци зад своето име има Марко Трајковски, два забележа Доне Мајнов, а по еден гол постигнаа Јовевски, Глигоров, Димковски и Мишевски. Кај Радовиш се издвои Здравко Постолов со седум гола, а четири гола запиша Каковски.
Во следното коло од Суперлигата на Македонија, ракометарите на Тинекс Пролет ќе гостуваат на Прилеп.