Актуелно
Тинекс Пролет не успеа да ја продолжи победничката серија во плејаутот откако вечерва по голема битка загуби од Прилеп со 29-30. Ваквиот исход е разочарувачки ако се знае дека Тинекс Пролет на подолги периоди имаше и водство, а во последната секунда не искористи пенал со кој можеше да стигне до реми.
Гостинскиот тим подобро го отвори мечот, набрзина поведе со 03, пред првиот гол за Тинекс Пролет да го постигне Давитковски во 6. Минута. Прилепчани имаа контрола над резултатот до 4-7, кога Пролет конечно влезе во ритам и набрзина влезе во егал меч, со двата гола на Димковски израмнувајќи на 7-7.
Капитенот Андоновски се надоврза со два прекрасни погодоци во серија за водство од 9-7, а за одбележување е дека во 20. Минута по еден брутален старт директен црвен картон доби гостинскиот ракометар Квастек. Пролет водеше со 11-9, имаше и напад за „плус три“, но откако не го реализираше следеше фуриозен одговор на Прилеп, па гостите набрзина го свртеа резултатот во своја полза, поведувајќи со 11-12. Димковски стави крај на мини-серијата на противникот, а во самиот финиш беше суперефикасно, па двата тима постигнаа по два гола во завршните 100 секунди од полувремето и на одмор се замина со израмнети 15-15.
Вториот дел почна со два брзи гола на Пролет, двата на капитенот Ласко Андоновски, од кој вториот во празна мрежа од сопствената половина. Прилеп возврати, па во 40. Минута резултатот гласеше 21-22 откако гостите поведоа користејќи го исклучувањето на Василевски. Домашниот тим поведе со 24-23, но следеше нова мини-серија на прилепани и нивно водство од 24-26, а по погодокот на Тренчевски гостите поведоа со 24-27 на десет минути до крајот. Тинекс Пролет не се предаде, намали на 26-27, а потоа и не реализираше напад за израмнување.
Гостите имаа и 26-29, потоа и 27-30 на три минути до крајот, но Пролет покажа карактер, приближувајќи се на 29-30 (голови на Стоилевски и на Димковски), за по одбраната на Солев скопскиот суперлигаш да добие и напад за израмнување. Тренерот Мајнов побара тајмаут, се одигра „седум на пет“, при што беше досуден пенал во последната секунда. Стоилевски имаше можност да донесе израмнување, но гостинскиот голман го одбрани неговиот удар од седум метри, што значеше и прв пораз на Тинекс Пролет во плејаут натпреварувањето.
Андоновски и Стоилевски со по седум гола беа најефикасни кај Тинекс Пролет, пет пати прецизен беше Дрпљанин, четири погодоци постигна Димковски, додека Солев бранеше добро и имаше 12 интервенции на нашиот гол.