Младинската екипа на Тинекс Пролет продолжува со одличните изданија во својот ранг на натпреварување, откако денеска како гостин ја доби скопската пресметка со Алкалоид со минимални 34-35. За одбележување е фуриозното прво полувреме што се покажа и клучно за победата, ако се знае дека во него Тинекс Пролет за момент имаше и десет гола предност.
Нашите млади ракометари се покажаа во одлично светло, искуството собрано и на сениорско ниво во досегашниот дел од сезоната беше дрaгоцено да се одигра најквалитетно во првото полувреме и практично за 30 минути да се осигура до посакуваниот триумф во салата „Автокоманда“.
Алкалоид водеше само до 3-1, по што Тинекс Пролет ја презеде контролата и предводен од Костов со четири гола во низа поведе со 3-5. Младите асови на Пролет доминираа до крајот на полувремето, го зголемија водството до 5-8, потоа и до 7-11, па и до 8-13, за првата преднот од пет гола по погодокот што го постигна Крстески. Домаќините делуваа без идеја, а Пролет максимално го искористи тоа до крајот на полувремето, со головите на Дамчевски и на Јовиќ на одмор заминувајќи со преубедливи 12-21.
Импресивните први 30 минути придонесоа во вториот дел да падне концентрацијата во редовите на Пролет. Противникот го искористи тоа за да ја намали огромната разлика, но триумфот во ниту еден момент не беше доведен во прашање ако се знае дека резултатот на една минута до крајот гласеше 32-35, по што Алкалоид со два гола во последните триесет секунди стигна до конечните „минус еден“.
Лука Јовиќ одигра уште еден импресивен меч постигнувајќи девет погодоци, седум гола беше дело на Дамчевски, шест Лешниковски, додека по пет пати противничката мрежа ја затресоа Ѓорчески и Крстески.