Супер-финиш за голема победа во Струга (22-24)

Тинекс Пролет стигна до втората победа во ракометниот плеј-оф откако попладнево по голема борба славеше на гостувањето кај Струга со резултат 22-24. Очекувано, дуелот беше интересен и со бројни пресврти, но нашиот тим покажа квалитет и карактер во клучните моменти и заслужено дојде до триумф. 

Тинекс Пролет подобро го отвори мечот и со погодоците на Василевски и на Мајнов отвори со рано водство од 0-2. Ситуацијата на теренот се промени по исклуувањет на Василевски, што домашните ракометари го искоритија и набрзина поведоа со 4-3. Серијата на домашниот тим од 1-3 продолжи се до убедливи 7-3 за Струга, пред Виктор Додевски конечно да ја прекине серијата од девет минути без гол на Тинекс Пролет.

Стружани ја одржуваа предноста, па тренерот Александар Јовиќ при 9-6 побара тајмаут во обид да ја консолидира играта на Пролет. Василевски погоди со проектил од девет метри за 9-7, но повторно следеше период на подобра игра на Струга и предност од 13-9. Пред крајот на полувремето во серија влезе капитенот Ласко Андоновски, кој постигна три гола во низа и намали на 13-12, резултат со кој се замина на одмор. Одличен во домашниот табор во првиот дел беше Бошњак кој постигна дури седум гола.

Тинекс Пролет во раната фаза во вториот дел го сврте резултатот во своја полза поведувајќи со 15-17. Гостите имаа водство и од три гола (16-19), но Струга се врати успевајќи да поведе со 22-20. Последните три минути беа клучни, нашата одбрана функционираше одлично, а на спротивната страна клучните голови ги дадоа Петковски и Василевски, за нов пресврт и заслужена победа на Тинекс Пролет. 

Капитенот Ласко Андоновски со осум гола беше најефикасен, четири постигна Василевски, а по три Петковски и Палевски.