Убедлива куп-победа со подмладен тим против Борец Велес (49-11)

Тинекс Пролет без никакви проблеми лесно и убедливо ја мина првата пречка во Купот на Македонија, совладувајќи го Борец Велес со резултат 49-11. Тренерот Јовиќ за овој натпревар ги одмори сите поискусни ракометари на нашиот тим, шанса добија помладите, кои доминираа од почеток до крај на теренот, славејќи со конечни 38 гола разлика.

Андреј Стојановски ја презеде одговорноста во почетните минути, Тинекс Пролет експресно поведе со 3-0, а нешто подоцна имаше и 9-2. Цврстата одбрана придонесе бројни лесни голови на спротивната страна, во серија влезе Андреј Ниновски, кој во 17. минута го донесе и првото двоцифрено водство на мечот (12-2). Предноста се зголемуваше со секоја наредна минута, па на одмор се замина со преубедливи 20 гола за Тинекс Пролет (24-4). Вториот дел продолжи со идентична слика како и првиот, „децата“ на Тинекс Пролет доминираа на теренот, успевајќи уште повеќе да ја зголемат разликата се до конечните 49-11.

Георгиј Спасовски ги предводеше стрелците на Тинекс Пролет на овој меч со 11 гола, еден помалку од него постигна Давид Младеновски, по кого следеа Димитриевски со осум и Алексовски со шест постигнати погодоци.