Тинекс Пролет на гости кај шампионот Еурофарм Пелистер

Ракометарите на Тинекс Пролет денеска ги очекува еден од најтешките предизвици во мак-ракометот, гостување во Битола против актуелниот првак Еурофарм Пелистер (19 часот, сала „Боро Чурлевски“). Пласманот во плејофот е практично осигуран, па избраниците на тренерот Александар Јовиќ без притисок патуваат во Битола во обид да се надигруваат со актуелниот шампион.

Јасно е, „пелистерци“ ќе ја имаат улогата на апсолутни фаворити на овој натпревар, но Тинекс Пролет во големи периоди од првиот дуел во Скопје целосно им парираше на битолчани, нешто што нашиот тим ќе се обиде да го повтори и вечерва во Битола.

„Свесни сме за фаворитската улога на противникот, но тоа не значи дека однапред ќе се предадеме на теренот во Битола. Имаме свои квалитети што сакаме да ги покажеме токму против најквалитетните тимови во македонскиот ракомет, затоа и веруваме дека ќе се прикажеме во добро светло на овој натпревар. Клучна ќе биде дисциплината во нападот, за да не дозволиме по наши загубени топки противникот да постигнува лесни голови. Ако го оствариме тоа, би можеле добро да му парираме на Еурофарм Пелистер“, порачуваат избраниците на Александар Јовиќ во пресрет на вечерашниот натпревар.

Ова ќе биде и специјален меч за тренерот Јовиќ, кој последните неколку години ги мина во битолскиот клуб, а негов последен тим пред да дојде во Тинекс Пролет беше токму Еурофарм Пелистер, со кого ланската сезона стигна и до шампионскиот трофеј.