Андоновски: Пелистер е актуелен шампион, го респектираме, но ќе играме без страв

Серијата суперлигашки натпревари на Тинекс Пролет продолжува со денешниот дуел на домашен терен против Еурофарм Пелистер (18.30 часот, сала „Македонско Сонце“). Битолчани како актуелни шампиони се фаворити за триумф на овој натпревар, но Тинекс Пролет по серијата добри игри на стартот на сезонава е подготвен да одигра квалитетно против бранителот на трофејот.

За потсетување, Тинекс Пролет лани во првиот меч за малку ќе го земеше скалпот на Еурофарм Пелистер, пропуштајќи предност од пет гола во завршницата, доказ дека ако се игра на највисоко можно ниво може да му се парира на големиот фаворит.

„Добро се познати квалитетите на Еурофарм Пелистер и јасно е дека овој тим ќе ја има фаворитската улога. Ние ги респектираме максимално како тим што е актуелен шампион, но не им се плашиме. Наше е да излеземе на терен и да одиграме најдобро што знаеме, фактот дека играме против шампионот ќе биде само мотив плус. Залагањето мора да биде на највисоко ниво, бројот на грешки да го сведеме на минимум, да се обидеме да го изненадиме Пелистер. Едно е сигурно, нема да се предадеме без борба“, изјави Ласко Андоновски.

Тој се осврна и на последниот триумф над Голден Арт, меч на кој Тинекс Пролет имаше удобно водство, се доведе во ситуација на крајот да стравува за бодовите, за искуството сепак да пресуди на крајот.

„Тие падови во играта се нешто што не смее да ни се повторува. Во периоди покажавме дека сме одлична екипа што преку цврста одбрана диктира темпо, но не смееме потоа да влегуваме во такви серии на грешки и да го враќаме противникот. Одлично е што победивме, тоа беше уште еден голем чекор кон пласман во плејофот, но вакви работи не смее да ни се повторуваат во натамошниот дел од сезоната“, порачува капитенот на Тинекс Пролет.