Почнува новата сезона во Супер-лигата: Тинекс Пролет поседува и квалитет и искуство за влез во плејофот

Ракометарите на Тинекс Пролет денеска го стартуваат настапот во новата сезона од Супер-лигата, со дуелот на домашен терен против екипата на Вардар Неготино. Како и минатата сезона, акцентот во Тинекс Пролет е ставен на давање шанса на млади ракометари, во своите редови имаме само еден странец (црногорскиот голман Михаљевиќ), не отстапувајќи со добро познатиот „домашен рецепт“ да атакуваме на позитивни резултати на македонската ракометна сцена.

Тренер на екипата останува Алексо Лембанов, младиот стратег кој со добрите резултати ланската сезона целосно ја оправда довербата на клубот. 

„Задоволен сум од текот на подготовките. Ни треба уште извесно време за да влеземе во топ-форма, но тоа секако е нормална работа кога ќе бидат доведени неколку нови ракометари во тимот. Сите се желни за тренинг и работа, минавме квалитетни подготовки и верувам во добри резултати во сезоната што следи. Мислам дека Тинекс Пролет поседува и квалитет и искуство за да се најде меѓу најдобрите четири во групата. Тоа е првичната зацртана цел, да се најдеме во плејофот, каде потоа без преголем притисок би си ги измериле силите со најдобрите македонски екипи во борбата за висок пласман“, изјави Лембанов.

Тинекс Пролет за ривали во групата од Супер-лигата ги има Вардар, Еурофарм Пелистер, Бутел, Прилеп, Голден Арт, Мулти Есенс и Вардар Неготино. Токму тимот од Неготино ќе биде прв ривал на нашата екипа на денешниот меч во салата „Македонско Соцне“, закажан од 18.30 часот.

„Станува збор за екипа што направи коренити промени во однос на ланскиот состав, доведе голем број на нови ракометари, а го смени и стручниот штаб. Ги анализиравме индивидуално играчите, но верувам дека на овој натпревар се ќе завиди од нас самите. Ако излеземе на терен и одиграме онака како што знаеме и умееме, победата нема да биде доведена во прашање“, оптимист е тренерот на Тинекс Пролет во пресрет на премиерниот меч од новата сезона.