Андоновски: Дисциплина и во нападот и во одбраната за триумф над Еурофарм Пелистер 2

Тинекс Пролет денеска (18.30 часот) го игра првиот домашен натпревар во новата сезона, и тоа против Еурофарм Пелистер 2, тим што е директен ривал за пласман во плејофот. Победата над Голден Арт од првото коло е оставена зад нас, а фокусот е целосно ставен на пресметката со битолчани, ривал од кого ги загубивме трите лански натпревари, двата во рамките од Супер-лигата, како и оној во рамките од Купот на Македонија. 

Овој состав на Тинекс Пролет сепак е поквалитетен од оној ланскиот, па на денешниот дуел се очекува далеку подобро издание. Јасно е дека задачата нема да биде нималку лесна, но овој играчки кадар на Тинекс Пролет има и квалитет и искуство за да ја забележи втората овосезонска победа.

„Вториот тим на Еурофарм Пелистер ни е должник од ланската сезона, но на сите ни е јасно дека нема да ни биде лесно. Пелистерци направија измени во ростерот во текот на летово, но тоа се уште е квалитетна екипа која игра брз ракомет. За да имаме успех против нив неопходно ќе биде да имаме максимална дисциплина во нападите, но и цврстина во одбраната. Тие се млад тим што игра полетно и знае да го казни секое опуштање на противниците, затоа ќе мораме да го задржиме фокусот во текот на сите 60 минути. Не се сомневам дека имаме квалитет за триумф, но само доколку одиграме стопроцентно од почеток до крај“, изјави капитенот Ласко Андоновски.