Јагуриновски: Си ја завршивме работата и заслужено победивме, но ќе бидеме уште подобри во иднина

Томи Јагуриновски уште од првиот меч покажа дека ќе биде огромно засилување за Тинекс Пролет, откако македонскиот репрезентативец со шест гола ги предводеше стрелците на дуелот со Голден Арт. 

„Првите натпревари се секогаш тешки и можат да бидат непредвидливи, затоа и ние имавме проблеми да влеземе во ритам во првото полувреме. Сепак, мислам дека во второто полувреме го покажавме вистинското лице, заигравме многу подобро и поквалитетно и заслужено славевме. Голден Арт пријатно ме изненади со играта што ја прикажа, но ние си ја завршивме нашата работа и го заслуживме овој триумф“, истакна Јагуриновски.

Десниот бек сепак очекува многу потешка задача во второто коло, со оглед на фактот дека викендов во салата „Македонско Сонце“ ќе пристигне Еурофарм Пелистер 2, директен ривал во трката за што подобар пласман во групата.

„Едно е сигурно, ќе мораме да играме уште подобро ако сакаме да славиме над Еурофарм Пелистер 2. Овде пред се мислам на фокусираноста и ангажираноста, која моја да биде на максимално ниво во текот на сите 60 минути. Овој меч е од огромна важност и ќе сториме се за да стигнеме до триумф и да го продолжиме успешниот старт на сезоната. Оптимист сум дека ќе бидеме уште подобри во иднина, како што ќе одминува шампионатот“, вели Јагуриновски.