Триумф над Голден Арт на стартот на сезоната (23-27)

Тинекс Пролет успешно ја стартуваше новата сезона откако во првото суперлигашко коло нашиот тим славеше во градската пресметка со Голден Арт со резултат 23-27. Отпорот на домашниот состав беше скршен во вториот дел, кога искуството и квалитетот на Тинекс Пролет придонесоа уште на петнаесетина минути до крајот резултатски да се одлепиме и на крајот да стигнеме до заслужена победа.

Иван Џонов го постигна првиот гол за Тинекс Пролет во новата сезона, за почетно водство од 0-1, но веднаш потоа Голден Арт во неколку ситуации имаше еден гол предност (2-1, 3-2, 4-3, 5-4). Во првото полувреме се водеше израмнета битка во која Тинекс Пролет се врати во предност поведувајќи со 5-6, но ниту еден од тимовите не успеа да се одлепи на повеќе од еден гол разлика. Двајцата тренери до крајот на полувремето зедоа по еден тајмаут, а штета е што Тинекс Пролет не успеа да се одлепи пред крајот на полувремето, откако при водство од 12-14 не беше реализиран пенал преку Палевски, по што Голден Арт со гол во последната секунда успеа да намали на 13-14. 

Второто полувреме почна со нов нереализиран пенал на Тинекс Пролет, овојпат на Пецаковски, но затоа на спротивнта страна одличен на голот беше и Петковски, кој запре неколку зицери и не им дозволи на домаќините да влезат во ритам. Нападот на Тинекс Пролет конечно профункционира, па нашиот тим стигна до водство од 18-21 и го натера домашниот тренер Матлиевски на тајмаут. Веќе во следниот напад Јагуриновски биеше прецизно, а Голден Арт само за момент успеа да се врати и намали на 20-22.

Тајмаутот на Лембанов ја врати сигурноста во играта на Тинекс Пролет, Василевски погоди во вистински момент, одбраната на чело со Петковски беше на висина на задачата до крајот на мечот, за заслужена победа од 23-27.

Петковски беше одличен на голот со 13 успешни интервенции, додека во нападот најефикасни беа Јагуриновски со шест, пред Палевски и Димов со по пет и Андоновски и Василевски со по три погодоци.