Лесен триумф над Струга (35-30)

Тинекс Пролет забележа нов триумф на домашната сцена, рутински славејќи на домашен терен над Струга со 35-30. Избраниците на тренерот Лембанов одиграа беспрекорно во нападот, лесно наоѓајќи го патот до нови бодови со кои Тинекс Пролет се зацврсти на првото место во плејаут-лигата.

Натпреварот почна со израмнета игра на двете страни, во која Тинекс Пролет не успеа да се одлепи на повеќе од еден гол разлика. Гостите за момент поведоа со 6-7, што беше доволен знак за аларм, потоа Тинекс Пролет го сврте резултатот во своја полза поведувајќи со 9-7,за на одмор да замине со предност од 18-15.

Раната фаза од второто полувреме мина во знакот на домашните ракометари, кои набрзина поведоа со пет гола предност (22-17). Како што одминуваше времето, така се зголемуваше и предноста, Тинекс Пролет имаше водство од 28-22, потоа и од 30-23, по што во самиот финиш Лембанов одмори дел од клучните играчи, за рутински да се заврши мечот до конечните 35-30.

Дејан Пецаковски со осум гола беше прв стрелец на Тинекс Пролет, додека по пет погодоци постигнаа Крстески, Палевски и Пејовиќ.