Лесна победа над Радовиш на стартот од плејаут-лигата

Тинекс Пролет со триумф го отвори настапот во плејаут лигата откако вечерва рутински славеше над Радовиш со резултат 32-22. Очекувано, последнопласираниот тим од Супер-лигата немаше шанси во дуелот со Тинекс Пролет, на кој домаќините доминираа не дозволувајќи триумфот во ниту еден момент да им биде доведен во прашање. 

Избраниците на тренерот Лембанов уште од самиот почеток наметнаа темпо што гостите не можеа да го следат, поведувајќи со 5-2. При овој резултат Тинекс Пролет не реализираше контранапад, по што Радовиш само за момент се врати, стигнувајќи до израмнување од 5-5. Следеше изнуден пенал и исклучување, по што Тинекс Пролет влезе во нова серија за која радовишани немаа одговор. Водството од минута во минута се повеќе се зголемуваше, одличен во овој период беше и голманот Петковски (одбранет пенал и зицер во рок од само неколку секунди), па Тинекс Пролет експресно ја крена позитивата и над „плус пет“. Водството на домашните ракометари од минута во минута се повеќе се зголемуваше, пред крајот на полувремето Тинекс Пролет пропушти неколку можности за „плус десет“ при водство од 16-7, по што Радовиш со два гола во финишот намали на 16-9.

Убедливата позитива придонесе да дојде и до мало опуштање во таборот на Тинекс Пролет, што гостинските ракометари го искористија за да ја намалат негативата на „минус четири“ (21-17). Мини-серијата на противникот ја прекина Мартин Димов, веднаш потоа прецизен беше и младиот Тотиќ, со што повторно домаќините добија на сигурност. Тренерот Лембанов во финишот им даде шанса на дел од помладите ракометари, но тоа не се одрази врз случувањата на теренот, Тинекс Пролет не само што рутински ја одржа предноста, туку и зголеми до конечните „плус десет“ (32-22).

Дејан Пецаковски беше најефикасен во победничкиот тим со седум гола,шест постигна Палевски, додека по три пати прецизни беа Димов, Мајнов и Џонов.

Следен предизвик за тимот на Тинекс Пролет ќе биде дуелот од Купот на Македонија против екипата на Еурофарм Пелистер 2.