Лесно и убедливо до триумф над Радовиш (30-23)

Тинекс Пролет рутински ја одработе задачата на дуелот со Радовиш, совладувајќи го последниот тим на суперлигашката табела со 30-23. Убедливата игра од самиот почеток значеше и рутинско одигрување на второто полувреме, во кое тренерот Лембанов имаше можност да им даде заслужен одмор на клучните играчи пред најважниот дуел сезонава, гостувањето против Охрид што на програмата е викендов.

Мотивацијата и пристапот беа на вистинско ниво од самиот почеток на средбата, што придонесе уште во првите десетина минути Тинекс Пролет сериозно да се одлепи, поведувајќи со убедливи 10-3. Аларов и Палевски ба во главна улога во овој период, овозможувајќи удобно водство, што донесе и игра без притисок во остатокот од мечот. Домашните ракометари умешно го контролираа резултатот, a убедливо водство му овозможи на тренерот Лембанов уште во првото полувреме да им даде шанса на дел од помладите играчи, па така Фичорски беше стрелец на својот прв гол на средбата во 28. минута, последен за Тинекс Пролет во полувремето што заврши со убедливи 18-13 за нашиот тим.

Домашните ракометари беа подобри и на стартот од вториот дел, во кој експресно ја зголемија предноста до „плус осум“ (23-15), резултат при кој тренерот на радовишани беше принуден да побара тајмаут. Ваквиот исход придонесе Лембанов да сочува дел од клучните играчи за претстојниот дуел со Охрид, но Пролет и со комбиниран состав ја одржуваше убедлива предност. Речиси сите стартери добија заслужен одмор во второто полувреме, младиот состав знаеше како да ја одржи предноста, за овој натпревар да заврши со заслужена победа на Тинекс Пролет од 30-23.

Давор Палевски беше најефикасен во таборот на Тинекс Пролет со осум гола, четири постигна Димов, три Аларов, а по двапати прецизни беа Ласко Андоновски, Додевски, Џонов, Крстески, Стојановски и Голубовиќ.