Андоновски: Мечот со Вардар, загревање за клучните битки за плејофот

Тинекс Пролет влегува во пеколен период на натпревари кои ќе пресудат дали скопскиот суперлигаш ќе обезбеди влез во плејофот. По триумфот над Струга од 30-22, избраниците на Лембанов денеска (16 часот) излегуваат на мегдан против шампионот Вардар, дуел на кој „црвено-црните“ ќе ја имаат фаворитската улога.

Сепак, дуелот со врвен противник е добра можност за кревање на играта во пресрет на важните натпревари што ќе го очекуваат Тинекс Пролет во наредниот период, домашниот меч со Радовиш надоврзан со клучното гостување против Охрид што на програмата ќе биде наредниот викенд.

„Победата над Струга ја крена самодовербата, особено по беспрекорното второ полувреме што го одигравме. Свесни сме дека вистинските предизвици допрва следат, но верувам дека сме подготвени и дека можеме да стигнеме до посакуваниот пласман во плејофот. Се знае кој е фаворит на дуелот со Вардар, ние ќе се обидеме да се спротивставиме, но многу поважно е да одиграме добар меч против силен ривал, да го кренеме нивото на нашата игра и да бидеме уште подобри кога ќе биде најважно. Пред нас се средби на кои мораме да атакуваме на победи против директни ривали за место во плејофот, клучно ќе биде формата да се темпира за да играме најдобро кога тоа ќе биде клучно за Тинекс Пролет“, истакнува капитенот Ласко Андоновски.