Актуелно
Ракометарите на Тинекс Пролет триумфално ја завршија оваа натпреварувачка сезона, откако во рамките од последното коло триумфираа на домашен терен над Радовиш со резултат 30-28. Мечот немаше преголемо натпреварувачко значење, на едно коло до крајот беше познато дека Тинекс Пролет ќе го освои првото место во плејаутот, додека радовишани го обебедија опстанокот, па двата тима без резултатско оптоварување влегоа во натпреварот во кој можеше да се проследи ефикасен ракомет на двете страни.
Избраниците на Матлиески тргнаа од самиот почеток фуриозно, поведувајќи со 3-0 и 5-2, но радовишани се вратија и стигнаа до израмнат на 6-6. Следеше нова серија од три гола на Тинекс Пролет, нашиот тим стигна и до најубедливи „плус пет“ во првото полувреме (14-9), за на одмор да замине со предност од 15-11. Радовиш се обиде да се врати, намали на 16-14, но следеше нова серија на Тинекс Пролет, домашниот состав неколку пати во второто полувреме имаше „плус пет“ и рутински го контролираше резултатот. Матлиески им даде шанса на голем дел од помладите ракометари во тимот, па така меѓу стрелците денеска се запишаа и Александров, Дамчевски, Ѓорчески, Костов... Додевски го постигна последниот гол за Тинекс Пролет оваа сезона, а 30-26, по што гостите во последните две минути успеаја само да го ублажат поразот.
Александар Василевски и Виктор Додевски ги предводеа стрелците со по шест погодоци, одлична игра прикажа и Дрпљанин со пет постигнати гола, додека Глигоров го заврши мечот со четири постигнати гола.