Историски успеси во јубилејната година на РК Тинекс Пролет

Тинекс Пролет заокружи уште една година како член на елитното македонско ракометно друштво. Нашиот клуб слави јубилеј - 60 години од постоењето,па затоа е огромно задоволството што токму во годинава што изминува беа остварени одлични резултати - Тинекс Пролет за првпат во клупската историја заврши една сезона на третото место во плејофот, а потоа во европските натпреварувања славеше на еден натпревар од двомечот со повеќекратниот шпански првак Гранолјерс.

Ова дава причина за задоволство кај водечките луѓе на клубот, како и оптимизам дека кризата по слабите резултати во последниот месец ќе биде надмината и Тинекс Пролет ќе се врати на победнички патеки.
 
„Генерално гледано мораме да бидеме задоволни од она што го постигнавме годинава. Во периодот кога го славевме јубилејот – 60 години од клупското постоење, остваривме историски пласман со третото место во плејофот. Се изборивме за излез во Европа,а таму стигнавме до одличен резултат со победата на гостувањето против шпанскиот ракометен великан Гранолјерс. Тоа се резултати кои покажуваат дека се движиме во вистински правец, без оглед на резултатскиот пад во последните месеци“, вели директорот на Тинекс Пролет, Сашо Огњеновски.


 
Предизвиците да се биде дел од елитното друштво, и тоа во ситуација кога клубот не добива никаква помош од општината се уште поголеми.
 
Сведоци сме како речиси сите клубови од Супер-лигата добиваат соодветна помош од локалните самоуправи. Тинекс Пролет е единствениот за кого општината од  каде доаѓа не чувствува никаква одговорност да му излезе во пресрет. Ние сме единствените што не само што не добиваме пари како директна помош, туку и ги плаќаме сите термини за нормално функционирање на првата екипа и на младинските тимови. Функционираме на високо ниво благодарение на генералниот спонзор, компанијата Тинекс, и на останатите помагатели, но за да бидеме уште поконкурентни неопходно е и општината да подаде рака и да ни излезе во пресрет како еден од најстарите ракометни клубови во Македонија. Се надевам дека со доаѓањето на новиот Градоначалник на Општина Центар и овој тренд ќе се промени, бидејќи неговиот претходник имаше поинакви приоритети што се покажаа погрешни“.
 
Последните натпревари донесоа серија слаби резултати, по кои е доведено во прашање учеството во плејофот. Сепак, во таборот на Тинекс Пролет владее оптимизам дека во вториот дел од сезоната ќе бидат надминати проблемите.
 
„Летово го доведовме Андон Бошковски со желба тој да биде наш тренер на подолг рок, размислувавме за соработка од минимум две години. За жал, не успеа да се создаде „хемија“ меѓу новиот тренер и играчите, формата и резултатите тргнаа во надолна линија и мораше да се реагира. Задоволни сме од она што Лембанов го одработи како привремена опција, младиот стратег успеа да го „разбуди“ тимот и да го кренеме нивото на игра. Во наредните денови ќе донесеме одлука околу тренерската функција до крајот на сезонава, дали Лембанов ќе остане или ќе биде ангажиран нов стратег. Исто така, ќе бидаст избрани и нови засилувања, се со цел Тинекс Пролет да атакува на место во плејофот. Слабите резултати во последно време ја искомпликуваа состојбата, но ние како клуб никогаш не сме се предавале, ниту пак ќе се предадеме во иднина – ќе се бориме до последен атом на силите за да ја оствариме зацртаната цел – пласман во плејофот, а потоа и борба за излез во ракометна Европа“, порачува Огњеновски.


 
Првиот оперативец на клубот не го крие разочарувањето што ракометарите на Тинекс Пролет упорно се игнорираат кога станува збор за повиците во репрезентацијата.
 
„Тинекс Пролет е клуб што работи квалитетно на создавање на домашни ракометари, долги години не настапувавме со странски играчи во тимот бидејќи македонските ракометари и нивна значајна улога во нашата екипа е нешто што е приоритет. И во моментов имаме најмалку двајца до тројца играчи кои се одлични на своите позиции, можат да одговорат на барањата и во напад и во одбрана, но упорно се игнорирани кога станува збор за репрезентацијата. Разочарувањето е уште поголемо кога се гледа како во националниот тим се повикуваат играчи од понизок ранг на натпреварување, додека оние на Тинекс Пролет упорно се игнорираат без оглед на квалитетот што го поседуваат“, разочарано истакнува директорот на клубот.