Неочекуван пораз на гостувањето во Прилеп (27-24)

Тинекс Пролет беше непријатно изненаден на гостувањето против Прилеп, каде нашиот тим загуби од истоимениот противник со резултат 27-24. Знаците на излез од кризата по последниот триумф над Скопје очигледно не беа доволни, избраниците на тренерот Лембанов денеска беа под посакуваното ниво, што мотивираниот противник знаеше како да го искористи и стигна до победата.
 

Пролет имаше водство од 1-2 и од 2-3, но Прилеп потоа презеде целосна контрола над играта и резултатот. Домашниот состав набрзина поведе со 9-6, предност што дополнително ја зголеми до крајот на полувремето. Одбраната не беше на ниво, Лембанов се обиде и со голманска рокада, но ниту тоа не вроди со плод, па на одмор се замина со убедливо водство на прилепчани од 14-8.

Ракометарите на Тинекс Пролет заиграа нешто подобро на почетокот на вториот дел и ја ублажија убедливата негатива, но прилепчани до десетина минути до крајот умешно ја одржуваа предноста меѓу три и четири гола. Пролет не се предаде, на две минути до крајот стигна до „минус еден“, резултат при кој Палевски не реализираше шут за израмнување. Прилепачни знаеја како да го казнат тоа, ги реализираа своите последни напади на мечот и стигнаа до заслужена победа.

Палевски постигна шест, Голубовиќ пет погодоци, додека по три гола на денешниот меч реализираа Аларов, Џонов и Додевски со по три погодоци, недоволно за да се стигне до позитивен резултат.