Лембанов: Заслужена победа над Скопје, одиме по нови бодови во Прилеп

Алексо Лембанов имаше успешно деби како предводник на клупата на Тинекс Пролет, откако под водство на младиот стратег нашиот клуб рутински славеше над составот на Скопје. Серијата од три порази во Супер-лигата е прекината, а Лембанов успеа да ја крене атмосферата во тимот што беше нарушена по неколкуте слаби резултати. 

„Од самиот почеток на минатата седмица трениравме со засилено темпо. Скопје е последен тим на табелата, но ако ги анализирате нивните натпревари тиемногу често играат по 40-50 минути егал-натпревари и тешко е да се скрши нивниот отпор. Затоа инсистиравме на напорна работа на тренинзите, за да влеземе во посакуваниот ритам и да го скршиме отпорот на оваа екипа. Задоволен сум што успеавме во тоа“, вели Лембанов.

Младиот стручњак има 23 години, но фактот дека подолго време е дел од клубот му помогна за експресна адаптација во новата функција.



„Сметам дека авторитетот не ми претставува проблем, пред се поради фактот дека сум цела година дел од клубот и добро ги познавам овие ракометари. Сите се беспрекорни професионалци кои знаат како да си ја вршат задачата на теренот и максимално ги почитуваат тренерските одлуки. Добро се познаваме, знаеме што да очекуваме еден од друг, а почитта што тие ја имаат кон тренерската професија само ми ја олеснува работата во овој период“, изјави стратегот на Тинекс Пролет.

Следен предизвик е гостувањето против Прилеп, уште еден меч на кој Лембанов ќе седи на клупата на нашиот клуб.

„Станува збор за ривал што никако не смее да биде потценет. Имаат талентиран и квалитетен состав и само со максимално фокусирана игра може да се стигне по успех. Нашата желба е јасна, да освоиме бодови и во Прилел за уште повеќе да си ја зголемиме самодовербата пред наредните натпревари“, порачува Алексо Лембанов.