Бошковски: Фаворитската улога ја оправдавме на терен, Радовиш е посилен од она што го покажува табелата

Тинекс Пролет експресно се врати на победнички патеки по поразот од Вардар, рутински славејќи на гостувањето против Радовиш. Тренерот Андон Бошковски може да биде задоволен од изданието на својот тим, кој на теренот ја оправда фаворитската улога и се искачи на третото место на суперлигашката табела. 

Бошковски финишот од ланската сезона го мина токму на клупата на Радовиш, помагајќи овој тим да се спаси во борбата за опстанок.

„За Радовиш ме врзуваат само позитивни спомени, луѓето во клубот и во градот се уште ме почитуваат и беше убаво да се вратам. Без оглед на изгледот на табелата, мислам дека Радовиш има добра екипа што незаслужено има толку мал број на бодови. Ние пред мечот бевме свесни за фавориската улога, но и за фактот дека ривалот не е нималку наивен и дека ќе мора да бидеме на највисоко ниво на теренот. Одговоривме максимално на фаворитската улога, диктиравме темпо и заслужено славевме, така што морам да бидам задоволен од прикажаната игра на овој натпревар“, истакна Андон Бошковски.

Во наредниот период пред Тинекс Пролет се серија тешки натпревари, в петок во Скопје гостува тимот на Охрид, а по паузата поради ЕХФ седмицата следат пресметките со Еурофарм Пелистер, Бутел и со Металург.

Пред нас е период кој многу лесно може да се покаже решавачки бидејќи се среќаваме со екипи кои ни се директни ривали за висок пласман. Добра околност е што по дуелот со Охрид следи ЕХФ-седмицата, период во кој ќе имаме можност да поработиме на дополнително унапредување на тактички план, како и на подобрување на физичката подготвеност. Што се однесува до Охрид, станува збор за тим што е најдобро покриен на бековската линија за условите во македонската Супер-лига. Тие имаат седум-осум квалитетни бекови со кои можат да наметнат притисок врз секој ривал. Изненаден сум од убедливиот пораз што го претрпеа од Металург, но исто така и знам дека ќе дојдат крајно мотивирани за против нас да се вратат на победнички патеки. Тие си имаат свои желби, ние сме со своја математика, сигурно ќе сториме се за да славиме на овој натпревар“, изјавува Бошковски.