Тинекс Пролет супериорен во Радовиш (21-27)

Тинекс Пролет лесно и убедливо славеше на гостувањето против Радовиш, декласирајќи го домашниот состав со убедливи 21-27. Ова беше меч во кој нашиот тим имаше водство од почеток до крај, потврдувајќи ја одличната форма пред дуелот со Охрид закажан за наредното коло.

Тинекс Пролет од самиот почеток го диктираше темпото на дуелот, поведувајќи со 1-3 од раната фаза на мечот. Домашните ракометари само за момент успеаја да се вратат, но набрзо потоа следеше нова серија на избраниците на Андон Бошковски. Тинекс Полет во неколку наврати имаше по три гола предност во првото полувреме, но не успеваше уште повеќе да се одлепи, не реализирајќи неколку зицери во нападот. Радовишани пак се вратија, но одличен на голот на Пролет беше Петковски, кој со одбранет пенал и зицер спречи израмнување. Наместо тоа, следеше гол на Џонов на спротивната страна, со што Тинекс Полет замина на одмор со водство од 9-12.

Пејовиќ ги презеде работите во свои раце на почетокот од второто полувреме, Петковски на голот одбрани уште еден пенал, па Тинекс Пролет набрзина поведе со 11-16, принудувајќи го домашниот тренер на тајмаут. Домаќините влегоа во мини-серија, намалија на 15-17, но потоа во ист напад останаа со двајца играчи помалку, по што гостите од Скопје набрзина се вратија на „плус пет“ (15-20), пред тренерот на Радовиш да побара нов тајмаут. Овојпат домашните ракометари немаа сили за камбек, Пролет се одлепи уште поубедливо, но на десет минути пред крајот незгодна повреда заработи Жарко Пејовиќ, кој се лизна при една акција без контакт со противнички играч, по што мораше предвреме да го заврши мечот. Триумфот очекувано не беше доведен во прашање, па Тинекс Полет заслужено славеше со убедливи 21-27.