Вардар е пресилен ривал за Тинекс Пролет (26-35)

Тинекс Пролет го претрпе вториот суперлигашки пораз сезонава губејќи на домашен терен од Вардар со 26-35. Актуелниот првак беше преголем залак за нашата екипа, доминираше во речиси целиот натпревар и заслужено го задржа максималниот ефект по седумте одиграни кола во Супер-лигата.

Во првите пет минути се играше ефикасно, а по израмнетите 3-3 гостите успеаја да се одлепат и со четири гола во низа да поведат со 3-7. Вардар стигна до водство од 4-9, но Тинекс Пролет барем за момент се врати во ритам, намалувајќи на 9-12, резултат при кој израаниците на Бошковски не реализираа и напад за дополнително да ја намалат негативата. „Вардарци“ беа подобри во завршницата од полувремето, благодарение на ефикасниот напад повторно влегоа во серија и на одмор заминаа со убедливи 12-18.

Второто полувреме мина во израмнета игра, во која гостинскиот тим умешно знаеше да ја задржи убедливата предност. Вардар во неколку наврати стигнуваше до „плус девет“, но Тинекс Пролет не дозволи двоцифрен пораз од актуелниот шампион, на крајот губејќи го овој натпревар со 26-35.

Иван Џонов одигра одличен меч во нападот постигнувајќи седум погодоци, пет пати прецизен беше Палевски, а четири гола реализзираше Аларов.