Голубовиќ: Пролет е на вистински пат, убаво е да се игра во земја во која ракометот е спорт број 1

Тинекс Пролет го задржа костурот на тимот во пресрет на оваа сезона, а едно од малкуте засилувања беше Ѓорѓе Голубовиќ, српскиот бек кој веднаш се наметна во составот на Андон Бошковски.

Поранешниот член на Адемар Леон, Сласк, Чургои и на уште неколку екипи ширум Европа немаше проблеми со адаптацијата, преземајќи ја улогата на стартен десен бек во која одлично се снаоѓа. 

„Среќен сум што сум овде и што давам свој придонес за резултатите на тимот. Почнавме одлично, со исклучок на оној неочекуван убедлив пораз во Битола, но Тинекс Пролет со игрите од стартот на сезоната покажува дека се наоѓа во добра форма. Имавме проблеми со заморот на самиот почеток по оној згуснат распоред по двомечот со Гранолјерс, но од меч во меч се повеќе ја креваме формата и играме уште подобро. Затоа сум убеден дека Пролет е на вистински пат, бидејќи и досега бележевме победи, а според она што го гледам на тренинзите и на натпреварите, знам дека ќе играме уште подобро во иднина“, вели Голубовиќ. 

Настапите за Тинекс Пролет не се првите за Србинот во мак-ракометот, ако се знае дека овој ракометар пред неколку сезони го носеше дресот на Металург под водство на Лино Червар.

„Минаа неколку години од моето враќање назад во македонскиот ракомет. Она што можам да го кажам е дека е секогаш убаво чувството да се игра во земја во која ракометот е спорт број 1. Тоа носи неизвесни натпревари и не може предвреме да се запишат бодови, особено на гостувањата бидејќи секаде играте на „жежок терен“. Сите играчи, дури и во оние нешто послаби тимови, даваат по 120% од себе кога играат пред своите гледачи, што ја прави потешка задачата за оние кои се фаворити. Сепак, тоа дава дополнителна убавина на лигата, бидејќи знаете дека мора да одиграте стопроцентно на секој меч ако сакате да стигнете до победата“, истакнува Ѓорѓе Голубовиќ.


Амбициите на клубот се пласман во плејофот, а потоа и обезбедување на излез во ракометна Европа, за што српскиот интернационалец верува дека е остварливо.

„Добро почнавме, остваривме значајни победи и сега очекувам да продолжиме во ист стил и во наредниот период. Со досегашните резултати, но и со игрите што ги покажуваме, дефинитивно поседуваме квалитет за да се пласираме во плејофот. Потоа, таму ќе одлучуваат детали буквално на секој натпревар, но верувам во Тинекс Пролет и оптимист сум дека повторно ќе обезбедиме излез во ракометна Европа“, вели десниот бек на нашиот клуб.

Следниот предизвик е најсериозниот за Тинекс Пролет во мак-ракометот, домашниот дуел со актуелниот првак Вардар.

„Да не почнувам со клише изјави како им ја препуштаме улогата на фаворит. Се знае кој е кој, тоа не значи дека ние ќе се предадеме. Мечот со Вардар е одлична можност за нас да видиме до каде сме, да се обидеме да одиграме нешто ново, одлична можност за младите да почувствуваат меч со силен ривал како што е Вардар, но и добра можност да се загрееме за наредниот меч со Радовиш“, порачува Ѓорѓе Голубовиќ.