Тинекс Пролет им се врати на победите, Тиквеш совладан со 31-26

Тинекс Пролет експресно им се врати на победите по поразот во Битола од Еурофарм Пелистер 2, откако избраниците на Андон Бошковски го совладаа Тиквеш со резултат 31-26. Триумфот е апсолутно заслужен ако се знае дека Тинекс Пролет водеше од првата до последната минута, кршејќи го отпорот на тврдоглавиот противнк кој се покажа во добро светло во салата „Македонско Сонце“ во Скопје.

Тинекс Пролет го отвори натпреварот со цврста игра во одбраната, која овозможи рано водство од 4-0. Гостинскиот тренер Магдинчев зеде тајмаут по што Тиквеш се разбуди во нападот, па предноста експресно беше намалена на 5-4. На средината од првото полувреме дојде со инцидент при една борба за топка при напад на Тиквеш, се вклучија и ирачите од клупите на двата тима, по што судиите одлучија да им покажат црвени картони на Палевски од Тинекс Пролет и на Стефановиќ од Тиквеш. Ова придонесе Џонов по двата гола од бековска позиција да го замени Палевски на лево крило, додека Пејовиќ го зазеде своето место во бековската линија. 

Голманот Петковски одбрани уште еден зицер, одбраната повторно доби на цврстина, па предноста експрено скокна од 5-4 на 8-4. Гостите од 10-6 се приближија на 10-8, по што капитенот Андоновски изнуди пенал и исклучување. Предноста од играч повеќе не беше искористена, па Тиквеш до крајот на полувремето намали на 14-13, со голот што во последните секунди го постигна Симиќ.

Второто полувреме почна со израмнета игра, а голманот Петковски блесна бранејќи пенал по исклучувањето на Пејовиќ. Андоновски и Аларов презедоа одговорност во нападот, па позитивата во 39. минута се искачи на „плус четири“ (19-15). Кавадарчани не се предадоа и повторно дојдоа на само еден гол негатива (21-20). Тинекс Пролет одговори со иста мера и на десет минути до крајот успеа да зголеми на 26-22. Отпорот на гостите беше скршен на четири минути до крајот, кога најпрвин Пролет се одбрани со играч помалку (по исклучувањето на Пецаковски), за на спротивната страна Пејовиќ да реализира за 30-25. Јане Цветковски влезе во игра и одбрани пенал во самиот финиш, за заслужена победа на Тинекс Пролет на овој натпревар, изразена со конечни 31-26.

Ласко Андоновски беше најдобар стрелец кај Тинекс Пролет со шест гола, пет постигна Голубовиќ, а по четири пати прецизни беа Аларов, Пецаковски и Димов.