Цветковски: Ова е нешто убаво, триумф за историја...

Тинекс Пролет ја прославува големата победа над Гранолјерс, доказ за квалитетот и потенцијалот на нашиот тим и во новата натпреварувачка сезона. Само еден ден по убедливиот пораз, Тинекс Пролет покажа и ментална сила покажувајќи се во извонредно светло на денешниот втор меч во Шпанија.

„Се сменија многу работи во однос на тој прв натпревар пред 24 часа. Се сплотивме заедно, сите знаевме дека сме многу подобри од она што го покажавме на вчерашниот меч. Квалитетно трениравме во овој период, верувавме во себе и тоа се покажа денеска, победивме еден навистина силен противник што има и квалитет и традиција. Ова е нешто убаво што се случи за Тинекс Пролет, триумф за историја“, вели Цветковски, голманот кој имаше значајни интервенции во второто полувреме.

Тој се врати назад во Тинекс Пролет на средината од ланската сезона, имаше придонес во освоеното трето место, но Цветковски смета дека овој тим на Пролет е поквалитетен од оној од минатиот шампионат.

„Да бидам искрен, годинава имаме помлад и поквалитетен тим, имаме една енергија, колектив што знае што сака. Без разлика дали играме слабо или на највисоко ниво, имаме карактер. Исто така сакам да кажам дека тренерот даде значаен придонес инсистирајќи на побрз напад, поквалитетна одбрана и градење на силен тимски дух“, истакнува одличниот голман.

Тој е оптимист дека со издание како денешното во Гранолјерс, составот на Тинекс Пролет ќе може да го совлада и Металург во првото коло од Супер-лигата, што стартува за неколку дена.

„Јас верувам во овој тим, мислам дека сме подготвени за стартот на сезоната. Денеска сите одиграа одличен натпревар, сите игравме заедно како еден тим што знае што сака и како што гледам - имаме големи шанси да победиме во првото коло против Металург“, оптимист е Јане Цветковски.