Силен отпор против фаворитот Еурофарм Пелистер (21-25)

Тинекс Пролет не успеа да ја продолжи серијата успешни резултати под водство на новиот тренер Зоран Кастратовиќ откако денеска загуби од фаворитот Еурофарм Пелистер со резултат 21-25. Домашниот состав се покажа во добро светло, во голем дел од мечот одигра „егал“ со фаворизираните битолчани, но падот на концентрацијата во двете полувремиња придонесе „пелистерци“ да заминат дома со трите бода на своето салдо.

Избраниците на Кастратовиќ од самиот почеток јасно ставија до знаење дека нема да бидат лесен плен за фаворитот, кој во овој меч влезе осоколен по дерби-триумфот над Вардар од пред само два дена. Еурофарм Пелистер поведе со 2-4, но Тинекс Пролет не само што стигна до израмнување, туку за момент и поведе со минимални 8-7. Последното водство домашниот состав го имаше при 10-9, но битолчани подобро го финишираа полувремето и на одмор заминаа со 12-14. 

Првите петнаесетина минути од второто полувреме донесоа израмнета битка во која Тинекс Пролет израмни на 17-17, но немаше сили да го издржи темпото до самиот крај. Во последните десет минути домашниот тим постигна само два погодоци, што беше пресудно за конечниот исход на овој меч.

Жарко Пејовиќ со пет погодоци беше прв стрелец на натпреварот, по три постигнаа Андоновски и Димов, а по два гола на овој меч реализираа Аларов, Мајнов и Пецаковски.