Андоновски: Нема предавање, ќе се обидеме да го изненадиме Пелистер

Пеколното темпо на натпревари за Тинекс Пролет продолжува денеска, со мечот на домашен терен против Еурофарм Пелистер (15 часот, сала „Македонско Сонце“) во финалето од групната фаза од Купот на Македонија. Победникот на оваа средба ќе се пласира на завршниот турнир од Купот на Македонија, што само по себе е мотив да се игра квалитетен меч против фаворитот. 

Тинекс Пролет и Еурофарм Пелистер се сретнаа пред петнаесетина дена во Битола, меч што „пелистерци“ го добија со 26-17, па јасно е дека избраниците на Матлиески ќе треба да одиграат на далеку повисоко ниво во нападот доколку сакаат да го земат скалпот на големиот фаворит.

Пред себе имаме ривал што реално е поквалитетен, но тоа не значи дека ние ќе се предадеме. Наша цел е да одиграме максимално ангажирано од првата минута, да ја искористиме секоја шанса што ќе ни се укаже и доколку е возможно, да се приреди изненадување. Атмосферата е на високо ниво по последните добри настапи во плејофот, се надеваме дека во ист стил ќе продолжиме до крајот на сезонава“, вели капитенот Ласко Андоновски.

Креаторот на играта на Тинекс Пролет се осврна и на победата на последниот дуел против Струга (27-21).

„Струга знае да биде незгоден ривал, веќе го докажа тоа сезонава, но успеавме да стигнеме до рутинска победа. Се одлепивме резултатски кога беше најважно, одигравме добра одбрана и постигнавме лесни голови во низа, по што лесно стигнавме до бодовите“, истакна Андоновски.