Тинекс Пролет им се врати на победите во плејофот (22-21)

Тинекс Пролет ја забележа и третата победа во ракометниот плејоф на Македонија откако денеска по голема битка триумфираше во скопската пресметка против Бутел со 22-21. Триумфот е минимален, но апсолутно заслужен ако се земе во предвид фактот дека Тинекс Пролет целосно го контролираше резултатот од почеток до крај. Цврстата одбрана на чело со голманот Ангелов беа клучни фактори за овој триумф.

Од самиот почеток стана јасно дека нема да има многу голови на овој натпревар, двата тима одлично ги затворија приодите кон сопствениот гол, па по десетина минути игра резултатот беше 2-2. Аларов почна да им создава проблеми на „бутелци“ на линија од шест метри, овозможувајќи Тинекс Пролет да поведе и со 6-2. Во првите дваесет минути од средбата Ангелов прими само три гола (7-3), но откако Пејовиќ го заработи второто исклучување Бутел успеа да се врати во последните десет минути од полувремето и на одмор да се замине со израмнети 10-10.

Советите на тренерот Матлиески на паузата очигледно вродија со плод бидејќи Тинекс Пролет од почетокот на вториот дел повторно заигра цврсто во одбраната. Ангелов со неколкуте интервенции ги откажа „бутелци“, кои се почесто ги промашуваа и рамките од неговиот гол, а одличниот голман при 18-14 одбрани уште еден пенал на гостите. Предноста се движеше околу четири гола до пет минути до крајот, за Бутел во завршницата да преполови на „минус два“. Димов и Пејовиќ ги постигнаа клучните погодоци, по што гостинскиот тим до крајот можеше само да го ублажи поразот, не и да стигне до бод.

Покрај одличниот Ангелов на голот, најзаслужни за победата се најефикасните во нападот, Пецаковски со шест, Ласко Андоновски со пет и Мартин Димов со четири погодоци.


ТИНЕКС ПРОЛЕТ - БУТЕЛ     22-21 (10-10)

Т. ПРОЛЕТ: Ангелов, Цветковски, Ф. Василевски, Аларов, Давитковски, Пецаковски 6, Донев, Додевски, Димов 4, Андоновски 5, Дамчевски, А. Василевски, Потиќ 3, Палевски 2, Пејовиќ 2.

БУТЕЛ: Даскаловски, Блажевски, Младеновски 2, Стојаноски 2, Ѓеоргиевски 2, Божиновски, Митев 3, Спасовски, Мојсоски, Спасовски 3, Милошески, Печенковски, Трифковиќ 1, Јефтиќ 2, Василевски 1, Мајиќ 6.