Прв пораз на Тинекс Пролет во плејофот

Ракометарите на Тинекс Пролет загубија на домашен терен од Охрид со 26-28, прв пораз за избраниците на Матлиески во овосезонкиот плејоф по двете победи над Металург и над вториот тим на Еурофарм Пелистер. Како пресуден се покажа финишот од првото полувреме во кое гостите стигнаа до удобна предност што успеаја да ја задржат до крајот, иако во последната минута Тинекс Пролет имаше напад за израмнување што не успеа да го искористи.

Двата тима се менуваа во водство во првиот дел од првото полувреме, во кое ниту еден од составите не успеа да поведе со повеќе од еден гол разлика. Тинекс Пролет последен пат водеше со 9-8, резултат при кој со играч повеќе не успеавме да стигнеме до „плус два“. Потоа почна кризата во нападот, гостите благодарение на цврстата одбрана и голманот Брауновиќ поведоа со убедливи 10-14 на крајот од полувремето. За одбележување е дека пред крајот на првото полувреме незгодна повреда заработи Иван Џонов.
 

Вториот дел почна со гол за гостите на Мартин Манасков, воедно и исклучување на Михаил Аларов, второ за пивотот на Пролет. Матлиески го смени Ангелов со Јане Цветковски, повикувајќи и тајмаут при резултат 14-20. Пролет почна да се враќа резултатски, но за момент беше запрен од судиите, кои со серија спорни исклучувања го оставија нашиот тим со само тројца ракометари во поле (едно од нив на Пејовиќ, кој реагираше поради груб старт врз него, па доби две минути, а поради повредата не можеше да се врати на терен), помагајќи му на Охрид да ја врати предноста на „плус пет“ (17-22). Домашните ракометари, покажаа карактер, од минута во минута го намалуваа водството на противникот, за на 90 секунди до крајот да дојдат до „минус еден“ (26-27) со голот што од контранапад го постигна Василевски.

Добрата одбрана донесе и напад за израмнување, но судиите запреа чист контранапад кој можеше да донесе израмнувачки погодок. Во следниот напад следеше почетничка грешка и загубена топка, по која Тот ги постави конечните 26-28.

Потиќ беше најефикасен во редовите на Тинекс Пролет со осум гола, пет постигна Пецаковски, четири Пејовиќ, а по двапати прецизни беа Андоновски, Палевски и Аларов.

Пребарување

Табела

Поз.ЕкипаБ
1Охрид10
2Алкалоид10
3Вардар10
4Е. Пелистер8
5Прилеп5
6Бутел4
7Пролет4
8Куманово4
9Тиквеш3
10Струга2
11Борец2
12Радовиш0

Најнови вести

Архива на вести