Матлиевски: Пласман во Европа е следниот чекор за Тинекс Пролет

Завршува оваа календарска 2020 година, која за жал ќе остане запаметена по пандемијата од коронавирусот, а не по достигнувањата на спортските терени. Тоа се одрази и врз нашиот тим, но и покрај сите проблеми со кои се соочивме, успеавме да ја исполниме првата зацртана цел – пласман во плејофот од ракометниот шампионат на Македонија.

Тренерот Никола Матлиески е задоволен од резултатите во поголемиот дел од сезонава, но и најавува уште подобри изданија на Тинекс Пролет во новата 2021 година.

Ние имаме добар почеток на 2020 година, врзавме четири победи, изборивме трето место во пресрет на плејофот. Тинекс Пролет тогаш беше во еден налет, со желба да стигне до пласман во Европа, но за жал бевме стопирани од коронавирусот, кој придонесе сезоната предвреме да заврши. На почетокот од оваа сезона го задржавме тој ритам на игри, составивме квалитетен тим, играме добар ракомет, но повторно бевме „ранети“ од вирусот, имавме цел месец без тренажен процес. Потоа тоа се одрази врз играчите, врз мене како тренер, ни беше потешко, но успеавме да ја оствариме онаа прва цел – пласман во плејофот. Се надевам дека во 2021 ќе ја оствариме и втората голема желба, да се пласираме во европските купови. Toa ќе биде награда за управата и за спонзорот кој со години овозможува стабилност, сега сакаме да направиме чекор напред во пласманот, откако почнавме се почесто да даваме и играчи во репрезентативниот список“, вели Матлиески.

Управата на клубот заврши одлична работа, задржувајќи го костурот на екипата, воедно и носејќи квалитетни засилуваа.


За нас е добро што ја имаме базата на ракометари, кои добро се запознаени со клубот, со стилот на игра што го негуваме. Кога ја имаш базата, ти останува само да ја дополниш со квалитетни засилувања, а ние го сторивме токму тоа. Донесовме квалитетни и искусни играчи кои со години играат во нашата Супер-лига и само дадоа додадена вредност на нашата екипа. Имаме квалитет од домашни ракометари, надополнети со Жарко Пејовиќ, кој се покажа како вистинско засилување. Ќе повторам, тимот играше одлично се до оној прекин поради коронавирусот, по кој беше невозможно да се задржи истиот ритам како пред болеста. Верувам дека најдоброто од нас допрва следи, добро ќе се подготвиме во текот на зимава и ќе се прикажеме во одлично светло во плејофот“.

Ова беше прва сезона со поинаков систем на натпреварување, настап во групи од по седум екипи од кои најдобрите три се пласираа во следната фаза. Притоа, распоредот на натпревари беше крајно згуснат, но Тинекс Пролет одговори и на овој предизвик.

Секој натпревар беше како финале, чувствувавме притисок бидејќи немавме простор за маневар. Распоредот беше згуснат и немаше простор за корекции, многу време минувавме во видео-анализи и подготовки за противникот, за сметка на вообичаените тренинзи. Сепак, мислам дека како клуб добро се справивме, излеговме на крај и се пласиравме во следната рунда. Можеби пред почетокот атакувавме на првото место, но и вака добро се заврши, ако се знае дека во овие 4-5 месеци не одработивме ниту еден тренинг во комплетен состав. Секако, ситуацијата беше тешка за сите клубови, но задоволен сум бидејќи одговоривме на предизвикот“.


Матлиески го пофали новиот систем на натпреварување, кој ја исполни примарната цел – да се игра ракомет во Македонија.

Нималку не беше лесно, особено ако се знае дека не се знаеше ни дали воопшто ќе постојат услови за да се игра ракомет. Од сегашна перспектива, сметам дека федерацијата го направи вистинскиот потег, лигата се прошири, бевме поделени во две групи, одигравме доволно натпревари за да влеземе во ритам и да се игра ракомет на терените ширум Македонија. Сигурно ќе биде крајно интересно во вториот дел во сезоната, како во плејофот, така и во борбата за опстанок“.

Стратегот на Тинекс Пролет ја остава отворена вратата за да бидат доведени нови засилувања во играчкиот кадар до стартот на плејофот.



„Следиме што се случува на пазарот, доколку се појави квалиетен играч што ќе може веднаш да даде импулс верувам дека ќе успееме да се засилиме. Сепак, нема да инсистираме на засилувања по секоја цена бидејќи ние и во моментов имаме квалитетен и избалансиран тим, кој со добар и редовен тренажен процес ќе биде најмалку за 30% подобар од есенската полусезона. Имаме одредени дефицитарни позиции, затоа ќе следиме на пазарот на ракометари и доколку се појави интересно име достапно за трансфер ние ќе реагираме“.

Првата цел е исполнета, но сега следи потешкиот дел од задачата – атак на едно од првите четири места во плејофот кои водат во ракометна Европа наредната сезона.

„Јас сум оптимист, верувам во мојата екипа, дека можеме да го оствариме тој успех – пласман во европските купови за новата сезона. Знаеме дека тоа се амбициите на управата, на спонзорот, имаме квалитетен тим, добро работиме и верувам дека ќе успееме да го оствариме посакуваниот резултат. Има многу претенденти во оваа борба, сите натпревари ќе бидат максимално израмнети, но верувам во нашиот квалитет.
Искрено се надевам и дека хаосот со коронавирусот конечно ќе заврши, за да можеме клучниот дел од сезоната да го играме како што прилега, со публика на трибините.
“, оптимистички е расположен Никола Матлиески.