Матлиески: Борба од почеток до крај, тоа е нашиот рецепт за успех

Тинекс Пролет вечерва (18.30 часот) против Радовиш го игра претпоследниот домашен натпревар во Супер-лигата, во својата сала „Македонско Сонце“ во населбата Пролет. Желбата е јасна, со триумф да се стави печат на остварената цел - пласман во плејофот, како дел од македонската ракометна елита.

„Играме против Радовиш, тоа е екипа што веќе ја совладавме на гостински терен, но свесни сме дека нема да биде нималку лесно доколку не одиграме максимално од почеток до крај. Нашиот рецепт за успех е јасен, борбеност од почеток до крај буквално на секој натпревар, очекувам максимално залагање од моите играчи и на оваа средба. Фаворитската улога мора да биде оправдана со добра игра на терен“, изјавува тренерот Никола Матлиески.

Стратегот на Тинекс Пролет очекува неговиот тим да прикажува уште подобри игри во вториот дел од сезоната.

„Мора да се има во предвид дека коронавирусот создаде големи проблеми, а кај нас речиси целата екипа беше позитивна. Дел од овие ракометари се уште се мачат да влезат во својот препознатлив ритам од пред да бидат позитивни, а фактот дека играме на секои два-три дена уште повеќе отежнува да се работи на одредени детали за да се вратат во топ-форма. По завршувањето на овие две кола, ќе имаме доволно време за работа и напредок, тука е и новото засилување Пејовиќ кој ќе биде од огромна помош кога целосно ќе се вклопи во нашиот систем на игра. Мислам дека Тинекс Пролет ќе игра уште подобро, пред се во фазата на нападот, во вториот дел од сезоната“, оптимист е Матлиески.