Жарко Пејовиќ, нов ракометар на Тинекс Пролет

Црногорскиот репрезентативец Жарко Пејовиќ е нов член на Тинекс Пролет, откако одличниот бек денеска го стави потписот на договорот со нашиот клуб, со важност до крајот на оваа натпреварувачка сезона. 

Пејовиќ е искусен ракометар кој има богата интернационална кариера, а има настапувано и во македонскиот шампионат, во дресот на Вардар. Тој на почетокот од кариерата беше дел од Црвена Звезда, една година мина и во дресот на Спортинг Лисабон. Црногорскиот бек настапуваше и за францускиот прволигаш Данкерк, неколку сезони мина во Татран Прешов,  а го носеше и дресот на Горење Велење во словенечкиот шампионат. Тој ја мина ланската сезона во израелското првенство како член на Хапоел Ашдод, а иако имаше понуда да се врати во оваа земја, Пејовиќ на крајот реши да се врати назад во Македонија и да го облече дресот на Тинекс Пролет.

„Презадоволни сме што успеавме да го доведеме Пејовиќ во нашиот клуб. Не се сомневаме дека тој одлично ќе се вклопи и ќе ни биде значаен адут во битката за реализација на зацртаните цели. Со него добиваме и квалитет и искуство, ова е вистински потег во пресрет на клучниот дел од сезоната“, изјави директорот на Тинекс Пролет, Сашо Огњеновски.

Пејовиќ ќе дебитира за Тинекс Пролет на следниот меч од Супер-лигата, на гостувањето во Струмица против Астраион в среда.