Слабо второ полувреме и пораз од Охрид (18-22)

Тинекс Пролет го претрпе и вториот пораз во низа во Супер-лигата, овојпат губејќи на домашен терен од Охрид со резултат 18-22. Пресудно беше слабото издание во нападот во второто полувреме, во кое нашите ракометари постигнаа само шест погодоци, недоволно за триумф над лидерот во суперлигашката група.

Натпреварот почна со подобраа игра на Охрид, па гостите набрзина поведоа со 0-3. Тинекс Пролет првиот гол го постигна преку крило откако прецизен беше Палевски, по што нашиот тим експресно се врати и израмни на 3-3. Со израмнета игра се продолжи во следните десетина минути, а при 5-5 и исклучувањето на Пецаковски, во одличен ритам влезе и голманот Ангелов со две одлични интервенции во ситуација со ракометар помалку на теренот. Тинекс Пролет првото водство го имаше во 15. Минута, кога Димов погоди од десно крило за 6-5.

На половина од полувремето гостите останаа без првиот голман, Даниловски, кој заслужено заработи црвен картон. Двете екипи играа израмнето се до самиот финиш, кога домашните ракометари додадоа гас, постигнаа погодоци преку Палевски и Аларов за водство од 12-9, за охриѓани во самиот финиш од полувремето преку Кривокапиќ да ги постават конечните 12-10 по триесет минути игра.

Никој не можеше ниту да претпостави дека може да се одигра толку слабо во второто полувреме. Во првите 20 минути Тинекс Пролет постигна само два гола, но цврстата одбрана ни овозможи да останеме резултатски во мечот (14-14). Палевски погоди од контранапад за 15-14, но потоа следеше серија на гостите, кои на крајот триумфираа со 18-22.

Палевски беше најефикасен во редовите на Тинекс Пролет со шест погодоци, по три постигнаа Аларов и Димов, а двапати прецизен беше Џонов.