Прв пораз сезонава, КЛ7 славеше над Тинекс Пролет (32-30)

Тинекс Пролет го претрпе првиот овосезонски пораз губејќи на гостувањето против КЛ7 со 32-30. Избраниците на Матлиески одиграа под просекот во одбраната, а кога на тоа ќе се додадат и неколкуте грешки во клучни моменти во нападот, неуспехот во пресметката со новиот суперлигаш беше неизбежен. Паузата од неиграњето поради коронавирусот беше очигледна во нашиот табор, но јасно е дека ќе мора што поскоро да се преброди бидејќи веќе во следното коло на програта е дербито на групата против Охрид.

Домаќините одлично од самиот почеток, со ефикасни напади создавајќи многу проблеми нанашата одбрана на чело со голманот Кристо. Двете екипи се менуваа во водство, а КЛ7 беше првиот состав што прв поведе со „плус два“ (8-6, во 16. Минута). Слабото издание во одбраната им овозможи на домашните ракометари да поведат и со три гола предност (10-7). Тинекс Пролет во вистински момент се разбуди, се приближи на 11-10, а по одбранениот пенал на Кизиќ капитенот Ласко Андоновски донесе израмнување. До крајот на полувремето се играше „гол за гол“, па на одмор се замина со 14-14.

КЛ7 ги реализираше првите два напади за минимални водства од 15-14, и 16-15, но Ласко Андоновски ги презеде работите во свои раце во нападот и донесе водство од 16-17, прво за Тинекс Пролет по пауза од двасетина минути. Сепак, потоа следеа исклучувања на Давитковски и на Пецаковски, по што КЛ 7 поведе со 18-17. Тактичкото надмудрување продолжи, а Тинекс Пролет пропушти одлична можност за израмнување откако Петковски го одбрани зицерот од контранапад на Палевски. Матлиески го стави на голот Петар Ангелов, а нашиот тим набрзина преку Џонов и Палевски стигна до водство од 21-22.

И повторно неочекувано дојде до пресврт, домаќините направија серија од 3-0 и во последните десет минути влегоа со предност од 24-22. Џонов не реализираше шут во ситуација со играч повеќе, по што Ѓорѓоски погоди за прво водство од „плус три“ на домашните ракометари. Кризата во нашите редови се продлабочи, па по новата загубена топка во ситуација со играч повеќе КЛ7 поведе со четири гола (28-24).

Агресивната одбрана овозможи само да се преполови негативата, потоа да се стигне и до „минус еден“, но потоа една грешка при изведување на удар од девет метри им овозможи на домаќините да стигнат и до гол за „плус два“ и победа. Палевски погоди седмерец за  31-30 на 20 секунди до крајот, но поразот на овој натпревар беше неизбежен по серијата грешки, како во одбраната, така и во нападот..

Ласко Андоновски беше најефикасен со 10 погодоци, осум постигна Џонов, а по пет пати меѓу стрелците се запишаа Аларов и Палевски.

Галерија