Ракометот се враќа на сцената, одиме на победа и против КЛ7

По пауза од повеќе од еден месец, екипата на Тинекс Пролет се враќа на натпреварувањето во Супер-лигата. По почетните две победи над Јуниор КВ и над Астраион, избраниците на Матлиески денеска се среќаваат со КЛ7, меч што се игра со почеток во 18 часот во СЦ „Борис Трајковски“, со директен преност на МТВ.

„Паузата беше предолга, а во изминатиот период голем дел од членовите на нашиот клуб беа позитивни на коронавирус. Сепак, ситуацијата сега е стабилна, трениравме со полна пареа во изминатите денови и едвај чекаме да се почне со натпревари. Целта е иста како и пред прекинот, одиме чекор по чекор, натпревар по натпревар, со желба што поскоро да го обезбедиме учеството во плејофот“, истакнува тренерот Никола Матлиески.

Противникот КЛ7 во првите четири кола има една победа, едно реми и два порази, но Матлиески предупредува дека станува збор за ривал што никако не смее да се потцени.

„Тие се млад и перспективен тим, состав што од натпревар во натпревар игра се подобро и допрва ќе го покаже своето вистинско лице. За нас најважно е да го наметнеме нашиот стил на игра, да го исполниме договореното. Никако не смее да дојде до потценување, бидејќи против себе имаме противник што ќе знае како да го казни тоа“, порачува стратегот на Тинекс Пролет.