​Пецаковски: Другарство како во Тинекс Пролет немам видено во друг клуб

Дејан Пецаковски пристигна во текот на летово во Тинекс Пролет носејќи богато искуство и квалитет во нашите редови. Долгогодишниот македонски репрезентативец максимално ја оправдува довербата, наметнувајќи се со улога на лидер во составот на Матлиески што ја стартуваше сезоната со две победи во првите две кола.

„Да бидам искрен, презадоволен сум што сум дел од Тинекс Пролет. Пред се сум воодушевен од тимската хемија, слободно можам да кажам дека пријателството што владее меѓу сите ракометари во клубот, такво нешто немам видено досега. Нашите добри игри и резултати се одраз токму на извонредниот колектив што е создаден, а во кој ние како нови ракометари експресно се вклопивме“, вели Пецаковски.

Тинекс Пролет почна триумфално во новата суперлигашка сезона, пласманот во плејофот не би требало да биде доведен во прашање, а потоа ќе следи битката за излез во европските купови.

„Верувам дека можеме, дека имаме квалитет да стигнеме до четвртото место кое ќе значи и пласман во европските натпреварувања. Како што реков, тимскиот дух е наш главен адут, на голот го имаме одличниот Ангелов, добро сме покриени на речиси сите позиции. Вистинска штета е што Филип Василевски реши да си замине бидејќи со него ќе имавме уште поголема цврстина во одбраната. Сепак, и вака имаме квалитетен состав со кој сигурно ќе имаме што да кажеме во борбата за излез во Европа, кога ќе дојде до тие натпревари. Засега, приоритет ни е да продолжиме со добри игри и што поскоро да обезбедиме влез во плејофот“, истакнува искусниот бек.



Предолгата пауза од шест месеци без ракомет не остави преголема трага во квалитетот на игра, но факт е дека ризикот од повреди во една ваква ситуација секогаш е поголем.

„Искрено, стравував дека може да дојде до посериозни повреди на стартот од сезоната, пред се поради фактот дека предолго бевме без официјални натпревари, а сега следеше забрзан ритам петок – понеделник. За среќа, досега беа избегнати посериозни проблеми, меѓу другото и поради добрите подготовки што ги одработевме во изминатиот период. Се надевам дека ќе продолжиме во ист стил до крајот на оваа полусезона“.

Мирувањето од 15 дена на групата во која се наоѓа Тинекс Пролет наскоро ќе заврши, по што се очекува Ракометната Федерација на Македонија да даде зелено светло за продолжение на натпреварувањето.

„Ова е прво вакво искуство за сите нас и јасно е дека се соочуваме со предизвик, ние како ракометари, но и самата федерација за организација на спортски настани при едни вакви услови. Најважно од се е да се игра ракомет, верувам дека можеме да продолжиме, да го доиграме барем овој прв круг од Супер-лигата, па потоа да се размислува за евентуални други опции доколку ситуацијата биде влошена“, порачува Дејан Пецаковски.