Крај на сезоната без шампион - Супер-лигата се проширува од следната сезона

Сезоната во ракометната Супер-лига и официјално завршува, откако РФМ објави дека предвреме го завршува натпреварувањето поради опасноста од дополнително ширење на коронавирусот. Неможноста за продолжение на сезоната што беше прекината минатиот месец, надополнета со продолжувањето на Вонредната состојба во државата за дополнителни 30 дена, беа причините поради кои раководството на РФМ се реши на ваков чекор.

Воедно, челниците на куќата на ракометот објавија дека сезонава нема да биде именуван шампион, а имињата на патниците во европските купови ќе ги одреди Управниот Одбор на РФМ.

„Во рамки на превентивните мерки и донесените Уредби од страна на Владата, ракометните натпревари во сите категории во домашното првенство се во мирување. Воедно Ве известуваме дека Ракометната Федерација на Македонија е во секојдневна комуникација со надлежните институции со единствена цел за навремено информирање и спроведување на мерките за превенција од Covid-19. Земајќи ја во предвид прогласената вонредна состојба во државата како и продолжувањето на истата заклучно со 15.05.2020 година, дополнително и самиот факт дека поголемиот број договори на ракометарите/ките со клубовите имаат валидност заклучно до 31.05.2020 година, како и насоките од Европската Ракометна Федерација за завршување на националниот систем на натпревари до 31.05.2020 година, се наметнува заклучокот дека моменталната состојба не дозволува и не постојат реални услови за регуларно завршување на домашното првенството. За сезоната 2019/2020 година ќе биде доставен предлог до УО на РФМ да нема прогласување на победник во националниот систем на натпревари во сите конкуренции и категории, истиот предлог ќе биде доставен и за Куп на Македонија 2020 година. Местата во Европските клубски натпреварувања во ЕХФ и местата во регионалната Сеха Лига ќе бидат распределени согласно критериуми од страна на УО на РФМ“, се вели во соопштението на РФМ.

Воедно, Ракометната Федерација на Македонија најави и промена на системот на натпреварување почнувајќи од следната сезона. Покрај одлуката за неиспаѓање за оваа натпреварувачка сезона, бројот на тимови ќе се зголеми од 10 на 16, бидејќи во Супер-лигата ќе се вклучат и двата тима од СЕХА-лигата, Вардар и Пелистер, како и по двете најдобри екипи од двете Први лиги, Астарион, Прилеп, Тиквеш и КЛ7.