Вардар Јуниор е следен на „менито“ на Тинекс Пролет

Првичната цел е исполнета, пласманот во плејофот е обезбеден, па ракометарите на Тинекс Пролет сега без притисок ќе влезат во завршните три натпревари од Супер-лигата, во обид што подобро да се воиграат и максимално подготвени да влезат во разигрувањето за највисок пласман. Денешниот натпревар на домашен терен против Вардар Јуниор (18.30 часот) е идеална можност за нова победа на нашиот тим, но и шанса за дел од помладите ракометари.

„Свесни сме дека не смее да дојде до опуштање во ниту еден момент. Фаворитската улога може да биде оправдана само со максимален ангажман, сите кои ќе добијат шанса мора да одиграат стопроцентно за да стигнеме до нова победа. Фактот дека влезот во плејофот е осигуран не значи дека ние сега порелаксирано ќе ги играме натпреварите. Напротив, на секој меч гледаме како на можност за напредок во играта“, порачуваат од таборот на Тинекс Пролет во пресрет на денешниот натпревар.


Во првиот овосезонски натпревар против денешниот ривал избраниците на Матлиески триумфираа со убедливи 27-38.