Мисијата исполнета: Радовиш освоен, Тинекс Пролет е во плејофот

Тинекс Пролет на три кола до крајот на Супер-лига го осигура пласманот во плејофот, откако избраниците на тренерот Матлиески вечерва како гости го совладаа Радовиш со резултат 20-33. Нашите ракометари одиграа одличен меч, стигнаа до предност пред крајот на полувремето што потоа ја задржаа во преостанатите 30 минути, за заслужена победа и доказ дека Тинекс Пролет заслужува место меѓу најдобрите шест тима во мак-ракометот.

Уште од самиот почеток домаќините покажаа дека нема да бидат наивен противник, па во почетните петнаесетина минути ниту една од екипите не успеа да создаде предност поголема од еден гол. Ангелов делуваше сигурно на голот на дебито за Тинекс Пролет, е добра игра во нападот покажа и српското засилување Ѓуро Мујиќ, кој во првите петнаесет минути постигна два погодоци. Капитенот Ласко Андоновски блесна во вистински момент, постигна три гола во три минути, па при наше водство од 7-9 го натера домашниот стратег на тајмаут. Сепак, серијата на Тинекс Пролет продолжи и по минутата одмор, набрзина стигнавме до водство од 7-11, позитива што ја одржавме до крајот на полувремето (12-16).

Радовиш немаше намера да се предаде, па домаќините ја преполовија негативата, намалувајќи на 18-20. Сепак, Тинекс Пролет имаше премногу расположени играчи во својот табор, во серија влегоа Андоновски и Поповски, па предноста повторно се искачи на комотни „плус пет“ (18-23). Овојпат ривалот беше нокаутиран, скопскиот клуб набрзина зголеми на 18-26, во 55. минута со голот на Мујиќ Тинекс Пролет стигна и до првото двоцифрено водство (19-29), за на крајот да триумфира со конечни 20-33.

Ласко Андоновски одигра капитенски и со 11 гола го предводеше Тинекс Пролет во оваа победа, Мартин Поповски постигна осум гола, а Мујиќ дебитираше со четири погодоци во дресот на нашиот клуб.

Во следното коло Тинекс Пролет ќе го пречека тимот на Вардар Јуниор.