Ангелов: Во Тинекс Пролет препознав сериозен проект

Петар Ангелов ќе биде големо засилување за Тинекс Пролет во вториот дел од сезоната, во кој искусниот чувар на мрежата ќе донесе уште поголема сигурност во играта во одбрана. Поранешниот македонски репрезентативец се враќа во мак-ракометот откако последните сезони ги мина во дресот на Ратинген, а потпиша договор со нашиот клуб за наредните 18 месеци. Тој уште од самиот почеток од подготовките се наметнува како лидер, а со нетрпение го очекува стартот на вториот дел од сезоната.

„Кога решив со семејството да се преселам во Германија, планот беше таму да останам до крајот на кариерата, па и откако ќе се збогувам со ракометот. Коцките сепак не се поклопија онака како што очекувавме, па кога веќе тоа се случи донесовме одлука за враќање во Македонија. Заинтересирани беа неколку клубови, но во Тинекс Пролет препознав сериозен проект со реални амбиции, за настап во следниот период, но и ангажман по завршувањето на кариерата. Затоа ја прифатив оваа понуда и убеден сум дека ја донесов вистинската одлука“, вели Ангелов.

Тој имаше можност да се запознае со новите соиграчи, а првиот впечаток за новата средина е позитивен.

„Она што може веднаш да се забележи е дека имаме релативно млад тим, но она што ме радува е одличната атмосфера што владее во екипата. Се работи квалитетно на тренинзите, постои желба за уште поголем напредок. Премногу кратко сум овде за да давам некаква подетална анализа, но знам дека амбициите на клубот се да обезбедиме излез во Европа. Верувам дека тоа е остварливо, а јас ќе сторам се за да помогнам оваа заедничка желба на сите во клубот да се исполни“, порачува Петар Ангелов.



Искусниот чувар на мрежата смета дека македонскиот ракомет се движи во правилна насока.

„Она што го гледам е дека постојат бројни школи кои вадат многу ракометари секоја година, нешто што го немаше во мое време. Toa e добро бидејќи полесно се создава база на млади играчи од која потоа се избираат најквалитетните. Ме радува и што голем број македонски тренери зедоа мастер-дипломи, што значи дека ги следат современите текови на струката. Она што мислам дека треба да се случува е газдите на клубовите да покажуваат поголема доверба во македонските стратези. Кога можеше на Лино Червар да му бидат дадени време и слобода во работата десетина години, тоа треба да биде случај и со домашни тренери, кои ќе покажат квалитет и амбициозност“, истакнува Ангелов.

Популарниот „Диви“ даде и краток осврт на настапот на македонската репрезентација на ЕП 2020 во Виена.

„Резултатски не минавме онака како што посакувавме. Дојде процесот на подмладување, а од она што го видов од помладите, сметам дека не станува збор толку за слаб квалитет, колку за недостиг на победнички карактер, нешто што порано ја красеше репрезентацијата додека јас настапував, заедно со Мојсовски, Миркуловски... Селекторот Брестовац сигурно ги воочи проблемите и ќе настојува да ги отстрани што поскоро, верувам дека федерацијата има доверба во него и очекувам да се продолжи со работа и напредок, за и во иднина Македонија да го задржи континуитетот од настапи на големите натпреварувања“, оптимистички е расположен Петар Ангелов за иднината на мак-ракометот.